Анализата на “ИзвозМК” на трговската размена меѓу двете земји покажува дека минатата 2025 година Македонија повеќе извезувала отколку што увезла производи од САД.
Според податоците од Државниот завод за статистика ,трговската размена помеѓу Македонија и САД во 2025 година достигнала 482 милиони долари, со суфицит од 15 милиони евра во корист на Македонија.
Лани од Македонија во САД биле извезени производи вредни 248,5 милиони долари, што претставува повеќе од двојно зголемување (+110%) во споредба со 2024 година. Истата година од САД во земјава биле увезени производи вредни 233,5 милиони долари, што е годишен раст од 19%.
Извозот од Македонија во САД бележи постојан раст последните пет години, а извозот во 2025 година е трикратно поголем од оној во 2021 година. Во истиот период увозот од САД пораснал за 4,4%.
Што најмногу извезуваме во САД?
Анализата на „ИзвозМК“ покажува дека 167,6 милиони долари или 67,5% од вкупниот извоз во 2025 година отпаѓаат на моторни возила и деловиза возила. Во оваа категорија доминираат автобусите (ХС код 8702) во вредност од 160 милиони долари, произведени од холандската компанија „ВДЛ Ван Хоол“, како и делови за моторни возила (ХС код 8708) со извоз од 5,8 милиони долари.

Втората најголема ставка се електрични машини и опрема (ХС код 85) со извоз вреден 14,6 милиони долари.
Следуваат:
- суров тутун – 11,7 милиони долари
- мебел и носачи на мадраци – 8,1 милион долари
- преработки од зеленчук и овошје – 3,4 милиони долари
- чоколади и други производи од какао – 3,2 милиони долари
- нуклеарни реактори, котли и машини – 2,5 милиони долари
- кондиторски производи – 1,67 милиони долари
Вкупниот извоз на храна и прехранбени производи во САД минатата година изнесувал 12,2 милиони долари.
Што најмногу увезуваме од САД?
Анализата на увозот од САД во 2025 година покажува дека најголема ставка од 35 милиони долари се керамички производи за лабораториска, хемиска и друга употреба.

Следуваат:
- моторни возила – 29 милиони долари
- оптички, фотографски, кинематографски и медицински прецизни инструменти – 20 милиони долари
- пластични маси и производи од пластика – 17,6 милиони долари
- електрични машини и опрема – 17,2 милиони долари
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
Македонија и САД ќе договараат нов договор за реципрочна, фер и балансирана трговија
Зошто Македонија доби висока царина како да има многу поголем извоз во САД ?!



























