Македонско словачки бизнис форум

Владите на Македонија и Словачка стојат цврсто зад соработката на компаниите, ги разгледуваат можностите за интензивирање на деловните партнерства и за размена на искуства и експертизи, а денеска, во рамки на Бизнис форумот во Скопје, потпишаа и Меморандум за разбирање.

Како што беше речено на Форумот, има голем потенцијал што треба да се искористи, а енергетиката, ИКТ, автомобилската индустрија, здравството и туризмот се само некои од секторите во кои може да се зголеми соработката.  

– Веќе имаме одредена трговска размена во автомобилската индустрија и кај одредени хемиски производи, но сметаме дека во енергетиката, ИКТ и во автомобилската индустрија има нови потенцијали. Сакаме да видиме и кои се извозните капацитети и на едната и на другата страна зашто ние сме фокусирани не само на привлекување инвестиции, туку и на зголемување на извозните потенцијали, посебно кај индустрии со висока додадена вредност, како македонското вино кое силно го промовираме, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски пред почетокот на Форумот.

Тој информира дека државата подолг период работела на договарање делегација од Словачка да дојде во земјава, заедно со претставници од деловната заедница кои ќе можат да остварат директен контакт со македонските компании и стопански комори.

Според министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, претприемачите се движечка сила на економскиот раст, носители на иновации и мост меѓу државите, луѓе со визија, храброст, и желба за соработка и постигнување резултати.

Како што напомена Каменицки, денешниот Форум е платформа на која се среќаваат идеи, искуства и иновации.

Ова е сигнал дека сите имаме желба за интензивирање на соработката и засилување на досегашното партнерство. Ги охрабрувам сите учесници да ја искористат платформата за размена на идеи и идна соработка. Верувам дека денесака почнуваме успешна приказна преку заедничка поддршка, помош и соработка, потенцира министерот.

Како потенцијални сфери за соработка тој ги спомна ИКТ индустријата, инфраструктурата, енергетиката, здравството, туризмот и земјоделството. Тука, рече, Словачка може да понуди експертиза, посебно во делот на новите технологии и автоматизираните процеси за производство за остварување поголемата додадена вредност и продуктвиност, како и минимизирање на отпадот.

Сензорни мониторинзи, менаџмент и автоматизација на процесите, се само сегмент од словачката поддршка што може да ја добие Македонија.

Што најмногу се тргува со Словачка?


Минатата година трговската размена меѓу Македонија и Словачка за првпат ја надмина границата од 300 милиони евра. Македонија извезува повеќе отколку што увезува, па земјава оствари трговски суфицит од 135 милиони евра. Најголем дел од извозот се должи на автомобилската индустрија.


Македонските компании извезле производи во вредност од 219 милиони евра, додека увозот од Словачка изнесувал 82 милиони евра. Најголем извоз има кај електричните кабли за автомобили – 106 милиони евра, а веднаш потоа следуваат седишта за автомобили со 56 милиони евра.


Извозот на стакло достигнал 11 милиони евра, железо и челик 8,6 милиони евра, облека и модни додатоци 6,65 милиони евра, автомобилски делови 4,6 милиони евра, а кондиторските производи 1,7 милиони евра.
Интересно е што извозот на земјоделски и прехранбени производи е минимален: зеленчук за само 412 евра, овошје за 276 илјади евра, сладолед за 267 илјади евра и вино за 45 илјади евра.

Кај увозот од Словенија доминираат електрични машини во вредност 26 милиони евра, патнички автомобили во вредност од 14,5 милиони евра, пластични маси со увоз во вредност од 7 милиони евра, нуклеарни реактори и машини со увоз од 4,5 милиони евра, алуминиум и производи од алуминиум 4,5 милиони евра и др.