Home Вести Милан Дамчевски : Со ProConnect создадовме алатка за реална поддршка на македонските...

Милан Дамчевски : Со ProConnect создадовме алатка за реална поддршка на македонските компании и поттик на економската соработка во регионот

По успешната реализација на низа едукативни работилници, настани за вмрежување и лансирањето на ПроКредит бизнис академијата, кои во изминатите години им помогнаа на претприемачите да ги развијат своите знаења и управувачки вештини, ПроКредит продолжува со нова нефинансиска иницијатива – ProConnect, дигитална платформа за деловно вмрежување што обединува компании од 12 земји од Балканот и Југоисточна Европа.

Со оваа иновација, ПроКредит уште еднаш ја потврдува својата лидерска улога во поддршката на микро, малите и средните претпријатија, одејќи чекор понатаму од класичното банкарство – кон создавање реални деловни можности за раст и конкурентност. По тој повод, разговараме со Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит банка Македонија.

Господине Дамчевски, што точно претставува ProConnect и што ве мотивираше да ја лансирате оваа нова иницијатива?

Дамчевски: ProConnect е дигитална платформа која им овозможува на компаниите да се поврзат, да најдат партнери, клиенти или добавувачи и да ги прошируваат своите пазари – сето тоа во дигитално, професионално и проверено опкружување.

Оваа иницијатива следи веднаш по успешната реализација на првата генерација од Бизнис академијата на ПроКредит, која претставуваше значаен чекор во нашиот пристап кон понуда на нефинансиски услуги што создаваат вредност. Со ProConnect сега правиме нов, суштински потег – на компаниите им даваме реална алатка преку која можат да се развиваат, да растат и да станат поконкурентни.

ProConnect е платформа креирана од ПроКредит групацијата и создадена ексклузивно за клиентите на ПроКредит банките во 12 земји: Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Грција, Босна и Херцеговина, Германија, Романија, Украина, Молдавија и Грузија.

Платформата овозможува:

  • Бесплатна промоција на производите и услугите што компанијата ги продава;
  • Можност за соработка со верификувани компании од сите индустрии во регионот;
  • Закажување онлајн состаноци со потенцијални добавувачи или купувачи директно преку платформата;
  • Вклучување во меѓународни B2B настани и средби;
  • Пристап до информации и ексклузивна едукативна содржина.

Кои се клучните цели на ProConnect? Кому најмногу ќе му помогне оваа платформа?

Дамчевски: Нашата визија е ProConnect да стане мост меѓу бизнисите во регионот – простор каде што компаниите слободно ќе се вмрежуваат, ќе разменуваат можности и ќе градат партнерства.

Посебен фокус ставаме на извозно ориентираните компании, бидејќи платформата им овозможува директен пристап до потенцијални купувачи и добавувачи во 12 земји – пазари кои веќе природно се поврзани со нашата економија. Не случајно, токму со овие 12 земји се остварува над 60% од вкупниот извоз и увоз на Македонија.

Но, ProConnect не е наменета само за извозниците – таа е подеднакво корисна и за локалните компании, кои полесно можат да најдат партнери во земјата, да се позиционираат меѓу нови соработници и да ја зголемат својата конкурентност.

Што ја прави оваа платформа поразлична од другите деловни мрежи?

Дамчевски:  ProConnect е прва и единствена платформа од ваков тип во Македонија и на Балканот. Развиена е со цел да понуди комплетна транспарентност и квалитет – на неа можат да пристапат исклучиво клиенти на ПроКредит групацијата, што значи дека секоја компанија е реална, активно работи и е финансиски проверена.

Фактот што ПроКредит е една од најголемите банкарски групации што работи со бизнис-клиенти во регионот, дава можност за пристап и соработка со огромен број компании.

Дополнително, платформата е целосно бесплатна, што ја прави навистина инклузивна. На тој начин создаваме либерализација на деловното вмрежување – повеќе нема бариери, нема посредници, и секоја компанија може директно да воспостави контакт и да создаде вредност.

Регистрацијата на платформата е многу брза и едноставна и трае помалку од пет минути. Платформата е достапна и преку мобилна апликација, која го поедноставува клиентското искуство и ја прави уште попрактична за користење, каде и да се наоѓате, во секое време.

Каков ефект очекувате да има ProConnect врз економскиот развој во земјата?

Дамчевски: ProConnect е дизајнирана да ја поттикне економската интеграција во регионот и да создаде нови канали за раст. Веруваме дека подоброто поврзување на македонските компании со регионалните пазари ќе донесе повеќе извоз, нови работни места и зголемена продуктивност.

Но, исто толку важно – платформата ќе им помогне на компаниите да станат поквалификувани партнери. Преку ProConnect тие не само што ќе се поврзуваат, туку и ќе учат едни од други, ќе споделуваат добри практики и ќе градат долгорочна деловна доверба.

Нѐ радува што уште во првиот месец од лансирањето, ProConnect беше одлично прифатена од нашите тековни клиенти, но и од други компании кои ја препознаа нејзината вредност и се приклучија на мрежата на ПроКредит. Така, по само неколку недели од лансирањето на платформата, таа брои речиси 1.000 бизниси од регионот – бројка која секојдневно расте и, според проекциите, би можела да достигне најмалку 10.000 активни корисници до крајот на годината.

ПОВРЗАНИ НАПИСИ:

ПроКредит ја лансираше ProConnect – единствената дигитална бизнис платформа за вмрежување во Југоисточна и Источна Европа

ПроКредит Банка е меѓу првите банки во земјата која ќе овозможи СЕПА плаќања

90 претприемачи ќе имаат можност да учествуваат во првата „ПроКредит бизнис академија“

ПроКредит организираше Б2Б настан во Сараево на кој присуствуваа и 20 македонски компании

error: Content is protected !!
Exit mobile version