Со одлука на Регулаторната комисија за енергетика малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 од вечерва на полноќ се зголемуваат за 2 денари по литар, во однос на цените утврдени минатата недела и со тоа цената на еуросупер БС-95 ќе изнесува 60,50 ден/лит, додека еуросупер БС-98 ќе се продава за 62,50 ден/лит.

Цените на еуродизел (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ1), се зголемуваат за 0,50 денари за литар, па така еуродизел (Д-Е V) ќе се продава за 49,50 денари за литар, а цената на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе изнесува 49,50 денари за литар.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 0,762 ден/кг и ќе изнесува 25,311 ден/кг.

Со оваа Одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,37%, во однос на малопродажните цени на нафтените деривати од пред една недела.

“Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот седумдневен период бележат зголемување кај бензинот во просек за околу 4,663% или за 17,800 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за околу 3,692% или за 11,400 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за околу 2,769 % или за 8,500 $/тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 5,388% или за
околу 13,400 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот седумдневен период изнесуваше 52,0303 ден/$ и е за околу 0,297% понизок од курсот на доларот (52,1851 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка”, објаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика.