Samsung Electronics ќе го прекине 0производството во својата единствена фабрика за телевизори во Кина до крајот на ноември, објавува Ројтерс повикувајќи се на официјални информации од компанијата.
Ова е последниот во низата потези на јужнокорејската фирма да го пренасочи производството од Кина, втората во светот најголема економија.
Фабриката за телевизори Тијанџин е единствената фабрика за производство на телевизори на Samsung во Кина.
Според информациите од фабриката, одлуката е дел од „тековните напори за подобрување на ефикасноста“ во нејзините производни капацитети и во синџирите за снабдување.
Samsung во последните неколку години затвори неколку свои фабрики во Кина.
Компанијата ја затвори својата фабрика за паметни телефони во Тијанџин во 2018 година и својата фабрика во Хуижоу минатата година. Во јули, Samsung изјави дека фабриката за компјутери во Суджоу ќе го запре производството.
Samsung Display во март годинава соопшти дека одлучил да го прекине целото свое производство на ЛЦД панели во Јужна Кореја и Кина до крајот на оваа година.
Кинеските производствени капацитети на Samsung кои моментално се во функција вклучуваат фабрика за апарати за домаќинство во Суджоу и фабрика за чипови во Ксијан.