Автомобилската компанија Toyota побара од неколку свои добавувачи да ги намалат цените на автомобилските делови, како резултат на лошата продажба и напорите да ги намалат трошоците во услови на пандемија, објави Nikkei.
Toyota го испратила барањето до компаниите кои продаваат делови изработени од одредени видови челик, вклучително и делови за мотори, во кое се вели дека цените на суровините за нивно производство се намалени во однос на минатата година, како резултат на ситуацијата со коронавирус, пишува Nikkei.
Обично, цените се договараат со добавувачите во април кога ќе започне фискалната година, или шест месеци подоцна, во октомври, но општата состојба ја принуди Toyota да ја преиспита таквата политика.
Плановите на компанијата е да преговара индивидуално со добавувачите на авто делови, кои исто така претрпеа големи загуби и за време на пандемијата.
За фискалната 2019 година, која заврши во март 2020 година, Групацијата Тојота, стана светски лидер во продажба на нови автомобили со продадени 10,45 милиони автомобили и камиони.
Продажбата на главниот конкурент – германскиот концерн Фолксваген и неговата група компании – во истиот период изнесуваше 10,37 милиони возила.
За време на пандемијата, глобалното производство на Тојота падна за повеќе од 50 % за неколку месеци, а многу фабрики мораше да бидат затворени привремено заради рестриктивни мерки.
Според предвидувањата на Тојота, оперативната добивка ќе се намали во фискалната 2020 година, завршувајќи на 31 март 2021 година за 79,5%, на околу 4,6 милијарди долари.
Корпорацијата очекува продажба на автомобили да падне за 14,9 % во тековната фискална година, на 8,9 милиони единици.