Економијата на Европската унија ќе биде најтешко погодена од прекините во снабдувањето од Кина, како резултат на епидемијата на коронавирус, проценува Агенцијата за трговија и развој на Обединетите нации UNCTAD.
Новиот коронавирус има загрижувачки ефекти врз животот на луѓето и може значително да ја забави кинеската и глобалната економија, предупреди UNCTAD.
Кина стана клучен играч во глобалната економија во текот на последните дваесет години и сега е важен производител и извозник на производи за широка потрошувачка, но и голем снабдувач на интермедијарни производи и делови на странски индустриски компании, соопшти агенцијата на Обединетите нации.
Така, скоро една петтина (20 %) од овие производи во глобалната трговија се направени во Кина, во споредба со само 4% во 2002 година, а се проценува дека какво било значително нарушување на нивното снабдување во голема мерка ќе влијае на производителите во остатокот на светот.
Податоците од Кина сугерираат дека кинескиот извоз паднал за околу 2% проценти во февруари во однос на истиот период минатата година, според УНКТАД, повикувајќи се на пад на индексот на менаџери за набавки во кинеската индустрија, што во голема мерка е во корелација со извозот.
На удар се секторите за производство на машини, автомобили и хемикалии
Европската унија е најмногу изложена на ризик од нарушувања на снабдувањето од Кина, особено нејзините сектори на производство на машини, автомобили и хемикалии, посочува УНКТАД.
Доколку кинескиот извоз се намали за 2%, последиците за индустријата на ЕУ се проценуваат на 15,6 милијарди долари.
На второ место се САД со проценета штета од 5,8 милијарди американски долари, при што најзасегнати сектори се производството на машини, автомобили и прецизни инструменти.
Јапонија е рангирана на третото место со проценети последици од 5,2 милијарди долари, што би биле концентрирани во индустријата за производство на машини и автомобилската индустрија.
Меѓу тешко погодените економии, УНКТАД ги издвојува и Јужна Кореја, Тајван и Виетнам, со проценет опсег на штети од 3,8 до 2,3 милијарди долари.
УНКТАД забележува дека овие проценки би можеле да бидат изменети во зависност од тоа дали ширењето на коронавирус ќе биде стопирано или дали компаниите ќе ги сменат своите извори на снабдување.
Тие исто така предупредуваат дека обемот на влијанието на епидемијата со вирусот врз глобалните синџири на снабдување ќе биде појасна откако ќе се добијат податоци за одделни кинески производствени сектори.