Во пресрет на денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за цените на горивата, кои забрзано растат поради кризата на Блискиот Исток, Владата на вонредна седница усвои мерка за намалување на Данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата од 18% на 10%.
Одлуката за намалување на ДДВ стапува на сила во понеделник, на 23 кон 24 март, и ќе важи две недели
Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека Владата нема да дозволи ценовни осцилации кои би го нарушиле животниот стандард на граѓаните.
“Се соочуваме со предизвик којшто е навистина голем. Не сме ние исклучок од кризата што се случува и која е наметната поради настаните и воените конфликти на Блискиот Исток. Сите европски држави, како и земјите во светот, се соочија со ценовни шокови кај горивата, кои вртоглаво растат, како и со ризици од зголемување на цената на електричната енергија. Поскапувањето на горивата претставува значаен инпут и директен удар врз семејните буџети на граѓаните. Како одговорна Влада и Влада којашто се грижи за стандардот на граѓаните, но и целокупната состојба на државата, денеска на Владина седница донесовме одлука да се намали данокот на додадена вредност на бензините и дизел горивото од 18% на 10% и доколку ова се земе во превид тогаш очекуваме цената на бензините да остане иста односно непроменета, а цената на дизелот да се зголеми околу 3,5 денари по литар”, изјави Мицкоски.
Премиерот истакна дека во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните, Владата ќе ги следи на дневна основа, така и ќе се продолжува мерката доколку се создаде потреба од истата.
“Електро енергетскиот сектор е стабилен. Во функција се блоковите во термоелектраната Битола 1 и 3. На депонија во Битола имаме околу 80 илјади тони јаглен, во Кичево 160 илјади тони, акумулациите се на ниво од 40% или тоа би било доволно за се да престане тие само да работат за отприлика месец дена да имаме доволно електрична енергија, но нормално се останато си функционира нормално така што електро енергетскиот систем е апсолутно стабилен”, изјави премиерот потенцирајќи дека единствен предизвик претставува цената на мазутот, бидејќи таа е поврзана со онаа цена којашто ја определува РКЕ.
Тој најави дека на следната редовна седница во вторник се размислува да се донесе одлука со којашто државата ќе интервенира кон ЕСМ со одредена количина на мазут отприлика 2.000 тони со што нема да се дозволи да се зголемат трошоците на компанијата и зголемување на цената на електричната енергија.
“Со овие мерки, Владата директно им излегува во пресрет на граѓаните и бизнисите кои веќе го чувствуваат притисокот. Овие одлуки се директен одговор на барањата и реалните потреби на граѓаните и компаниите. Намалувањето на даноците значи веднаш пониски цени на горивата. Тоа е најбрзиот начин да се ублажи ударот и да се спречи ширење на поскапувањата низ целата економија и да се заштеди паричникот на граѓаните”, изјави премиерот Мицкоски.


























