Германскиот производител на автомобили Volkswagen развива мал електричен автомобил за масовниот пазар во обид да ја зголеми продажбата во очекување на поостри климатски регулативи во новата зелена ера, објавува Reuters.

Според проектот наречен „Small BEV” (Battery Electric Vehicle -електрично возило со батерии), инженерите се натпреваруваат за развој на автомобил кој ќе работи на батерии, со големина на Polo, кој ќе биде достапен за цена помеѓу 20.000 и 25.000 евра.

Ова би го направило новото возило поевтино од електричниот автомобил ID.3 на Volkswagen, кој се појави во продажба во септември годинава.
Volkswagen се уште не објавува детали за тоа како може да изгледа возилото, кога може да биде лансиран или каде ќе произведува.

Производителот на автомобили Volkswagen неодамна објави дека построгите цели на емисии на Европската унија ќе го принудат да го зголеми процентот на хибридни и електрични возила на 60% во вкупната продажба на автомобили во Европа, што е раст во однос на претходната цел од 40%.

На почетокот на овој месец, Volkswagen ги зголеми своите планирани инвестиции во технологијата на дигитални и електрични возила на 73 милијарди евра во следните пет години, од кои околу 35 милијарди ќе бидат инвестирани во електронска мобилност.
Марката VW во моментов планира да произведе 1,5 милиони електрични автомобили до 2025 година.