Германскиот најголема индустриска компанија и најголем призводител на автомобили Volkswagen (Фолксваген) за првпат во своето постоење размислува да ги затвори фабриките во Германија, потег што го покажува зголемениот ценовен притисок со кој се соочува од азиските ривали.
Како дел од својата програма за штедење, главниот бренд VW повеќе не исклучува затворање на погони и отпуштања. Фолксваген, кој вработува околу 680.000 вработени низ целиот свет, објави дека е принуден да ја прекине својата програма за безбедност на работните места, која е во сила од 1994 година и спречува кратења на работни места до 2029 година.
Компанијата сè уште нема дадено конкретни бројки за тоа колку од околу 120.000 работни места во Германија би можеле да бидат изгубени. Но, според информациите од работничкиот совет, менаџментот на VW смета дека една голема фабрика за возила и една фабрика за компоненти во Германија се застарени.
Работнички совет на компанијата кој е член на моќниот синдикат IG Metal веднаш најави „жесток отпор“ на плановите на извршниот одбор.
Извршниот директор Оливер Блум ги оправдува потезите со влошената ситуација.
„Европската автомобилска индустрија е во многу тешка и сериозна ситуација. Економското опкружување стана уште потешко, нови добавувачи притискаат во Европа. Покрај тоа, особено Германија заостанува уште повеќе во однос на конкурентноста. Во оваа средина, ние како компанија сега мора да дејствуваме доследно“, Изјави Блум.
Аналитичарите во минатото ги именуваа локациите на VW во Оснабрик, во Долна Саксонија и Дрезден, во Саксонија, како потенцијални цели за затворање.
Последен пат VW затвори производствена локација пред повеќе од 30 години: во 1988 година, VW ја затвори својата фабрика во Вестморленд во САД. Во Германија ниту една фабрика на VW никогаш не била затворена.
VW, кој го опфаќа најголемиот дел од продажбата на групацијата Volkswagen, е првиот од неговите брендови што почнува со програма за намалување на трошоците чија цел е заштеда од 10 милијарди евра до 2026 година, додека се обидува да ја преживее транзицијата кон електрични автомобили.
Задоцнет повик за будење
VW се соочува со многу предизвици во Европа, САД и особено Кина, каде што домашните производители на електрични возила, предводени од BYD, го зголемуваат својот удел на пазарот.
Плановите на Фолксваген се голем удар и за германскиот канцелар Олаф Шолц, чија тринасочна коалиција беше остро погодена на регионалните гласања во неделата, според кои екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија беше на врвот на анкетата во една покраина и на второто место во Саксонија.
Карстен Бжески, глобален шеф на макро во ING Research, рече дека одлуката ги потенцира последиците од годините на економска стагнација и структурни промени без раст.
„Ако еден таков индустриски тешкаш мора да затвори фабрики, можеби е одамна задоцнет повикот за будење дека мерките на економската политика на Германија треба значително да се засилат“.
ИГ Метал рече дека одлуката ги „тресе темелите“ на Фолксваген, кој е најголемиот германски индустриски работодавач и врвен европски производител на автомобили според приходите.
Падот на продажбата, електромобилноста и новата конкуренција од Кина предизвикуваат проблеми за германската и европската авто индустрија во целина.
Кај VW, добивката на групата по оданочување падна за 14% во првата половина од годината, а кај Mercedes-Benz за речиси 16%. БМВ заработи 8% помалку во вториот квартал.
По падот на профитот, добавувачот на делови ZF објави дека ќе укине меѓу 11.000 и 14.000 работни места во Германија до крајот на 2028 година. Continental најави дека може целосно да го прекине својот болен бизнис со снабдување на делови за автомобили.