Германскиот производител на автомобили Volkswagen на вчерашниот прв Power Day ја презентираше својата технолошка стратегија со која планира значително да ја намали комплексноста и цената на чинење на батериите со цел електричните автомобили да станат подостапни и попривлечни за што повеќе луѓе.

Volkswagen објави дека планира да изгради шест фабрики за батерии и да ја прошири инфраструктурата за полнење на електрични возила во Европа, како дел од засилените напори да го претрка Tesla и да ја направи е-мобилноста поевтина.

Вториот по големина производител на автомобили во светот, кој е среде силен пресврт кон производство на автомобили на батерии, објави вчера дека планира да лансира шест погони за производство на батерии на ќелии во Европа до 2030 година, кои ќе ги гради сам или во соработка со некои партнери, пренесува Ројтерс.

– Е-мобилноста стана основна работа за нас. Сега систематски интегрираме дополнителни процеси во синџирот на вредности – изјави извршниот директор на VW, Херберт Дис.

Со овие потези Volkswagen планира да ги намали трошоците за батерии за 50%.

Планираните постројки ќе имаат производствен капацитет од 240 гигават часови годишно, додаде тој, нагласувајќи дека компанијата сака да обезбеди долгорочна позиција во трката за најдобра батерија и најдобро корисничко искуство во ерата на мобилност со нула емисии .

Групацијата Volkswagen најави и партнерства со Бритиш Петролеум и водечките европски компании Енел и Ибердрола за проширување на својата мрежа на станици за полнење на електрични возила.

Недостатокот на инфраструктура сè уште се смета за голема пречка за масовно прифаќање на електричните автомобили на батерии, па затоа Volkswagen сака заедно со партнери петкратно да ја зголеми мрежата за полнење на батерии низ Европа.

– Во просек, ние ќе ги намалиме трошоците за системите на батерии на далеку под 100 евра за киловат час (119 УСД) – рече членот на управниот одбор на VW, Томас Шмал, истакнувајќи дека ова конечно ќе ја направи електронската мобилност достапна и доминантна погонска технологија.

Според податоците од декември од Benchmark Mineral Intelligence, цената на батериите за електрични возила падна во просек на 110 долари за киловат-час, пренесува Ројтерс.