Германската компанија Volkswagen соопшти дека инвестира дополнителни 620 милиони долари во шведскиот производител на батерии Northvolt, во обид да обезбеди доволно количини батерии за новите електрични возила.
Со инвестицијата, која е дел од финансирањето од 2,75 милијарди долари, што ја започна производителот на литиум-јонски батерии, Volkswagen ќе го задржи уделот стабилен на околу 20%, по првичната инвестиција од 900 милиони евра во 2019 година.
„Со оваа инвестиција, ние го зајакнуваме стратешкото партнерство со Northvolt како снабдувач на одржливи ќелии на батерии кои се произведуваат со обновлива енергија и сеопфатно се рециклираат“, рече шефот за финансии на Фолксваген, Арно Антлиц.
Најновите средства треба да се искористат за проширување на капацитетите во областите на производство, рециклирање и истражување и развој, рече Фолксваген.
Northvolt ефективно ја формира првата од шесте гигафабрики кои Volkswagen планира да ги отвори во Европа до 2030 година за да ги обезбеди доволно батерии, како дел од своите напори да го престигне Тесла како најголем играч во светот во електричните возила.
Northvolt ќе започне со производство на ќелии за Фолксваген од 2023 година, со капацитет наменет за најголемиот европски производител на автомобили, со текот на времето, ќе се прошири до 40 гигават часови годишно, соопшти компанијата.
Извор: Reuters