Германскиот производител на автомобили Volkswagen планира да укине до 4.000 работни места во своите погони во Германија, нудејќи предвремено или делумно пензионирање на постарите вработени во потег што може да чини до 500 милиони евра, соопштија извори од компанијата во неделата.
Volkswagen во изјавата соопштува дека е договорен план со работниот совет да се отвори делумна пензија за родените во 1964 година, додека на оние родени од 1956 до 1960 година им се нуди предвремена пензија.
Извори од компанијата за Ројтерс изјавуваат дека ќе бидат скратени 3.000-4.000 позиции во врска со програмата што треба да се спроведе во шесте германски погони на Volkswagen, во кои сега работат околу 120.000 луѓе.
Додека 83-годишниот германски производител на автомобили се обидува да стане повеќе технолошка компанија по примерот на Тесла, во исто време го зголемува и буџетот за обука за 40 милиони евра, на 200 милиони.
Исто така, Volkswagen го продолжува замрзнувањето на вработувањето до крајот на 2021 година. Надворешни изнајмувања може да се вршат само во области како електрични автомобили, дигитализација и развој на ќелии на батерии.
Групацијата Volkswagen соопшти во јануари дека ќе ги намали режиските трошоци за 5% и трошоците за набавки за 7% во следните две години.