Најуспешната македонска компанијата “Алкалоид” објави силни финансиски резултати за првата половина од 2025 година, со вкупни консолидирани продажби од 164,2 милиони евра, извоз од 108,4 милиони евра и инвестиции во основни средства од над 10 милиони евра.
Според единечниот биланс на успех, продажбите во периодот јануари – јуни 2025 година достигнуваат 6,75 милијарди денари, што е за 1% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби, пак, изнесуваат 10,11 милијарди денари, бележејќи раст од 7%.
Во 2024 година компанијата оствари раст од 15%, што значително ги надмина првичните проекции. Тој резултат постави висока основа за тековната година, при што моменталниот раст е умерен, но во согласност со предвидената динамика. Реализираните продажби за првото полугодие од 2025 се за 2% над планираното.
Од вкупните консолидирани продажби, 34% се остварени на домашниот пазар, а 66% на странските пазари. Консолидираните продажби на домашниот пазар се зголемен и за 19%, додека на странските пазари бележат раст од 1%.
Притоа, продажбите во земјите од Југоисточна Европа учествуваат со 28%, во Источна Европа (ЗНД, Украина…) со 19%, а во Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) исто така со 19%.
Најголем раст кај извозните пазари бележат: Холандија – зголемување 6,6 пати, Австрија – 5,3 пати, Шведска – 4 пати, Јужна Африка – 3 пати, Финска – 2,8 пати. Значаен раст е забележан и во Ирска (66%), Грузија (45%), Ерменија (23%), Грција (17%), Босна и Херцеговина (14%), Германија (14%), Словенија (10%), Србија (10%) и Хрватска (9%).
Фармацијата најважен сегмент
Во структурата на консолидираните продажби на АЛКАЛОИД АД Скопје, фармацевтскиот сегмент доминира со учество од 91 %. Најголем удел во рамките на фармацијата имаат: ОТЦ препарати – 16 %, Невролошки препарати – 13 %, Кардиолошки препарати – 12 %. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 %, од кои: Билкарство – 1 %, Хемија – 2 %, Козметика – 6 %.
Во споредба со истиот период од 2024 година, фармацевтскиот сегмент бележи раст од 8 %, додека хемијата расте за 15 %. Сегментот фармација бележи раст од 8 %, хемија раст од 15 %, козметика пад од 7 %, а билкарство намалување од 17 %. Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија и во Црна Гора.
Инвестиции: Над 10 милиони евра вложени во основни средства
Во периодот јануари – јуни 2025 година, компанијата инвестираше 615.183.731 денари или над 10 милиони евра во основни средства, потврдувајќи ја својата стратегија за долгорочен развој и модернизација.
Финансиски резултати: Раст на добивката и стабилна EBITDA
АЛКАЛОИД АД Скопје бележи позитивни резултати и тоа единечна EBITDA од 1,61 милијарда денари (+10 %), единечна нето-добивка: 941,8 милиони денари (+7 %), консолидирана EBITDA: 1,7 милијарди денари (+9 %), консолидирана нето-добивка: 855,7 милиони денари (+4 %).
Компанијата соработува со над 1.000 домашни добавувачи, што дополнително ја зајакнува локалната економија.
Вработени: Нови ангажмани и регрес за годишен одмор
Во првата половина од 2025 година, реализирани се 21 ново вработување во Македонија. Исплатен е регрес за годишен одмор во износ од 44.500 денари по вработен. Групацијата брои 3.027 вработени, од кои 2.269 во земјава и 758 во странство.
Акции: Силен раст и висока ликвидност
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје се меѓу најтргуваните на Македонската берза. Во првата половина од 2025 година цената се движеше од 24.000 до 31.099 денари. Просечната цена изнесуваше 28.140,53 денари (+39 % во однос на 2024). На 30.06.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.270 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 39,7 милијарди денари.
Во мај 2025 година започна исплатата на дивиденда за 2024 година во износ од 630 денари бруто (567 денари нето) по акција, што е зголемување од 16,67 % во однос на претходната година.
Бизнис-план и очекувања за 2025: Фокус на раст и нови пазари
Бизнис-планот за 2025 година предвидува инвестиции од околу 8 % од консолидираните приходи, раст од 8 % на продажбите и раст од 7 % на профитот пред оданочување.
Очекувањата за остатокот од годината се умерено оптимистички, и покрај глобалните предизвици како инфлацијата, каматните стапки и геополитичките ризици. Компанијата продолжува со вложувања во нови производствени капацитети, истражувања и развој, како и во човечки ресурси, со цел да го зајакне своето конкурентно портфолио и да ги прошири пазарите.
“Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти. Очекуваме во 2025 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти”, велат од Алкалоид.