Можноста за неограничено движење е една од основните претпоставки за раст на бизнисот. Компаниите во регионот соработуваат на дневна основа, реализираат заеднички инвестиции и проекти или имаат основано свои подружници или претставништва во некои од другите земји од регионот на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора). За непречено спроведување на сите овие активности, многу често потребно е лично присуство на бизнисмени на територијата на тие земји. Дополнително, многу често се јавува потребата компаниите да треба да испраќаат работници за извршување работни задачи во некоја од другите држави од регионот, за спроведување некои договорни обврски, за инсталирање/монтирање машини и друга опрема или за други потреби, посочи д-р Татјана Штерјова-Душковска, директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори и национален координатор на Коморскиот инвестициски форум, на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.

Воведените заштитни мерки за да се спречи ширењето на корона-вирусот во земјите од регионот на Западен Балкан, почнувајќи од март 2020 година, во одреден момент, делумно или целосно, го забранија движењето преку националните граници во регионот без оглед на причината за патување (односно без оглед на тоа дали станува збор за деловни потреби, извршување работи во странство, туризам или некоја друга причина). Во Северна Македонија, на пример, во траење од неколку месеци, влез за странски државјани, поради оправдани економски потреби (вклучувајќи бизнис-патувања или потреба за извршување работи на територијата на Северна Македонија), беше дозволен единствено со согласност издадена од Кризниот штаб при Владата на РСМ, но во некои од земјите воопшто не беше дозволен влез на странски државјани, без оглед на причината за патување. Компании што треба да извршуваат градежни работи, да инсталираат машини кај купувачи, да вршат редовно сервисирање/одржување на инсталации и опрема не беа во можност редовно да ги сервисираат своите договорни обврски, ниту да склучуваат нови договори, поради воведените ограничувања за движење.

Штерјова-Душковска посочи дека во моментов, речиси осум месеци по прогласувањето на пандемијата од Светската здравствена организација, низ регионот на Западен Балкан сѐ уште се во сила одредени специфични правила, кои наметнуваат дополнителни ограничувања на слободното движење за лицата од регионот на Западен Балкан – за преминување на националните граници се бараат различни дополнителни формалности или мерки на претпазливост (негативен PCR-тест што не е постар од 48 или од 72 часа, негативен серолошки тест IGM за антитела или позитивен тест на антитела на корона-вирусот).

Овие ограничувања се различни во секоја од државите во регионот и многу често се подложни на менувања, кои во идниот период може да бидат порестриктивни, имајќи ја предвид влошената епидемиолошка состојба во сите држави од регионот, но и мерките за дополнителни ограничувања што се воведуваат од различните држави низ Европа.

Поради ова, Коморскиот инвестициски форум, како асоцијација на шесте комори од регионот на Западен Балкан, минатата недела до премиерите на државите од овој регион упати иницијатива за обезбедување непречено движење на лица низ регионот, кога е тоа потребно, за деловни цели или за испраќање работници за извршување определени работи во некоја од другите држави од регионот, односно предлог за воспоставување на т.н. „зелени ленти“ за непречено движење на овие лица низ регионот на Западен Балкан, кои би се применувале без оглед на можното влошување на епидемиолошката состојба во земјите од регионот во периодот што претстои. Ваквиот предлог би претставувал надоврзување на моделот за „зелените ленти“ за приоритетно движење на суштинските добра (храна, медицинска опрема и медицински средства) низ регионот на Западен Балкан, кој се применува од средината на април и кој покажа многу позитивни резултати во однос на обезбедувањето непречено снабдување со стока, истакна Штерјова-Душковска.

Предлогот за обезбедување непречено движење за деловни потреби, односно т.н. „зелени ленти“ за деловни патувања го вклучува следното:

Прво, меѓу сите шест држави од Западен Балкан да бидат изедначени правилата и протоколите кои ќе ги уредуваат условите под кои ќе им биде дозволено патување на лицата кои треба да патуваат од деловни причини или поради извршување работни задачи во некоја од другите држави на Западен Балкан. Таквите правила, доколку е потребно, може да уредуваат спроведување на т.н. брзи PCR-тестови на самите гранични премини заради олеснување на мобилноста и ограничување на локалното движење на тие лица само на релација меѓу местото на нивното сместување и локацијата каде што треба да ги извршуваат работните задачи, со максимално ограничување на личните и на професионалните контакти со други лица од нивната околина, како и обврска за задолжително придржување кон сите заштитни мерки што се во сила во местото на престојување.

Второ, да се гарантира дека на овие лица ќе им биде допуштено патување под овие заемно усогласени услови, без оглед на идното влошување на епидемиолошката состојба во некои држави, на можното воведување карантини или на други мерки за ограничување на движењето.

На овој начин ќе се олесни одржувањето на нивото на економска соработка и на водењето бизнис без прекини во овие вонредни услови.

Извор: Стопанска комора на Македонија