Македонската индустрија за железо и челик бележи континуиран пад на извозот, покажуваат официјалните податоци од Државниот завод за статистика. Во 2024 година, од Македонија биле извезени 523 илјади тони железо и челик, во вредност од 385 милиони евра. Тоа претставува пад од 16,6% во вредност и 6% во количина споредено со претходната година — што упатува на пониски извозни цени како дел од причините.

Ова е најниска годишна вредност на извозот во последните седум години. Само во 2023 година, извозот претрпе пад од 31%. А од рекордната 2021 година досега, вкупниот извоз е намален за 43%, додека количините се помали за 26%.
Голем удел во падот има и затворањето на комбинатот Еуроникел (поранешно Фени Кавадарци), кој заради високите цени на електричната енергија отиде во стечај, а кој само во 2021 година имал извоз ов 243 милиони евра годишно.


Индустријата за железо и челик се соочува со сериозни предизвици кои ја намалуваат нејзината конкурентност на европските и светските пазари. Покрај трговските бариери и новите климатски давачки, силен удар нанесе и енергетската криза предизвикана од војната во Украина, кога цената на електричната енергија драстично се зголеми.

Како енергетски интензивен сектор, производителите на железо и челик беа особено погодени, но за разлика од други индустрии во регионот, македонските компании останаа без системска поддршка од државата. Во други зенји, индустријата доби помош преку загарантирани цени на електрична енергија, компензација на дел од трошоците, како и пристап до поволни фондови за инвестиции во обновливи извори и декарбонизација на производните процеси.

Недостигот од вакви мерки во Македонија дополнително ја ослабна позицијата на домашните производители на меѓународниот пазар, особено во контекст на новите регулативи на Европската унија, како што е јаглеродната давачка CBAM, која ќе бара од извозниците да ги пресметуваат и плаќаат емисиите на CO₂ вградени во нивните производи

Кои се најголеми извозни пазари?

Најголем дел од извозот на железо и челик е насочен кон земјите од Европската унија. Најголем извозни пазари лани биле Романија со извоз од 53,5 милиони евра, Грција со извоз од 50,8 милиони евра, Србија (49,5 милиони евра), Турција (49,2 милиони евра), Бугарија (41,2 милиони евра), Италија (29 милиони евра), Косово (24 милиони евра), Чешка (14,8 милиони евра), Хрватска (12,5 милиони евра) и Албанија (11 милиони евра).

Индустријата за железо и челик е под сериозен удар



Дополнителен предизвик за секторот се најавените трговски ограничувања од Европската унија. Европската комисија неодамна предложи намалување на квотите за увоз на челик за речиси половина, како и зголемување на царините за количини над тие нивоа на 50%, во согласност со трговските мерки на САД и Канада.

Голем удар врз македонските извозници се очекува и по воведувањето на новата јаглеродна давачка на ЕУ – CBAM (Carbon Border Adjustment Mechanism), која ќе се применува од 2026 година. Оваа давачка ќе се однесува на производи со висока јаглеродна емисија, меѓу кои се и железото и челикот, и ќе бара од извозниците да купуваат CBAM сертификати за емисиите вградени во нивните производи – по цена што би се плаќала доколку производството се одвива во рамки на ЕУ. CBAM значително ќе ги зголеми трошоците за македонските производители, особено ако не се инвестира во декарбонизација и енергетска ефикасност.

Во групата на железо и челик (HS код 72) од Македонија се извезуваат топло валани плоснати производи, жици, прачки, профили и цевки.
Според рангирањето во најновата едиција “ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ 2025”, најголеми извозници во индустријата за железо и челик се компаниите ИГМ Трејд, Макстил, Либерти, Дојран Стил и други.

Иако оваа индустрија има значајна улога во македонската економија, во последните години се соочува со сериозни предизвици: високи трошоци за електрична енергија, строги еколошки стандарди, засилени трговски бариери, заштитни царини и конкуренција од земји со поевтина челична продукција.

За индустријата да ја задржи својата улога во економијата и да остане конкурентна, потребни се стратешки мерки за енергетска стабилност, технолошка модернизација и зелена транзиција.

>> ПОВРЗАНИ ТЕМИ <<