Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека индустриското производство во мај 2022 година бележи раст од 8,5% во споредба со истиот месец лани. Во првите пет месеци годинава индустриското производство е повисоко за 2,9% во однос на истиот период од 2021 година.
Податоците покажуваат дека најголемо зголемување во мај имало индустриското производство во секторот снабдување со електрична енергија, гас и пареа од 66%. Во секторот рударство и вадење камен производството во мај годинава било поголемо за 5,6% во однос на истиот период 2021 година. Во преработувачката индустрија каде се создава 91% од вкупното производство во државата, во мај имало раст на производството во однос на лани.
Гледано по индустрии, статистичките податоци покажуваат дека најголемо зголемување во мај годинава има кај производството на фармацевтски лекови и и препарати од дури 48,6%. Производството на електрична опрема бележи раст од 24,1% во мај, додека производството на хемикалии, каде влегува и производството на најивезуваниот производ од земјава, катализаторите на Џонсон Мети, има раст од 5,2%.
Производството на прехранбени производи во мај има раст од 1,8%, но во текот на првите пет месеци е помало за 7% во однос на лани. Производството на фабрикувани метални производи во мај 2022 година е зголемено за 16,1% во однос на мај 2021 година, додека производството на метали бележи пад од 4,5% во споредба со лани. Производството на текстил е поголемо за 1,9%, додека производството на облека е зголемено за 12,9%.
Најголем пад на производство во мај има кај тутунските прооизводи од дури 38,8%. Пад има и кај производството на машини и уреди, кое е помало за 2,4% во однос на лани.