Кинеската провинција Сечуан нареди сите фабрики да се затворат на шест дена за да се олесни недостигот на електрична енергија во регионот како последица на жешкиот топлотен бран ја зафати целата земја.
Провинцијата Сечуан ја рационализираше потрошувачката на индустриска електрична енергија за време на нејзиниот најголем топлотен бран во последните 60 години, што ги натера производителите на ѓубрива, литиум и други метали да ги затворат погоните или да го ограничат производството.
На индустриските корисници во 19 од 21 град во покраината им беше наредено да го прекинат производството од 15 до 20 август за да се даде приоритет на снабдувањето со електрична енергија во домовите.
Повеќе кинески, но и меѓународни компании ќе претрпат загуби во производството бидејќи со владинот налог се затворени производители на автомобили и автоделови, производители на ѓубрива и хемиски производи, челичарници….
Сечуан, која е една од најголемите провинции во Кина со 84 милиони жители, е клучна производствена локација за индустријата за полупроводници и соларни панели, а рационализирањето на енергијата ќе ги погоди фабриките што им припаѓаат на некои од најголемите светски електронски компании, вклучително и добавувачот на Apple, Foxconn и Intel. Toyota и Volkswagen (VW) исто така соопштија дека нивните фабрики во Сечуан привремено ја прекинале работата. VW соопшти дека очекува мало одложување на испораките, но верува дека тие би можеле да се надополнат во блиска иднина.
Покраината е, исто така, центар за рударство на литиум во Кина – клучна компонента на батериите за електрични автомобили – и исклучувањето може да ја зголеми цената на суровината, велат аналитичарите.
Кина се соочува со својот најжесток топлотен бран во последните шест децении, со температури кои надминуваат 40 степени целзиусови во десетици градови. Екстремните горештини предизвикаа скок во побарувачката за климатизација во канцелариите и домовите, со што се врши притисок врз електричната мрежа.
Од друга страна, сушата го намали и нивото на водите на реките, намалувајќи ја количината на електрична енергија произведена во хидроцентралите во покраината која се потпира на хидроенергија за повеќе од 80% од своето производство на електрична енергија во 2021 година.
Во некои региони, на деловните објекти им е наредено да ја зголемат температурата на клима уредите на над 26 степени целзиусови или да ги исклучат услугите на лифтот за првите три ката, за да се зачува електричната енергија.