Во текот на 2024 година во Македонија биле произведени 87 милиони литри вино, покажуваат податоците на Меѓународната организација за лозарство и винарство (OIV).

Според нив, Македонија е 21-ви најголем производител на вино во светот. Од земјите во регионот, пред нас е Грција, која лани произвела 139 милиони литри вино. Сепак, далеку поголем производител од Македонија е малата Молдавија, со 107 милиони литри произведено вино.
Меѓу земјите кои произведуваат помалку вино од Македонија се: Бугарија со 67 милиони литри, Словенија со 51 милион, Хрватска со 46 милиони и Србија со 41 милион литри во 2024 година.

Производството на вино во светот лани било најниско во последните 60 години!

Глобалното производство на вино во 2024 година изнесувало на 226 милиони хектолитри, најниско во последните 60 години, што е намалување од 5% во споредба со 2023 година. Ова, според OIV во голема мера се должи на непредвидливите и екстремни временски настани и во северната и во јужната хемисфера предизвикани од климатските промени.

Најголем производител на вино лани била Италија со 4.407 милиони литри, потоа Франција (3.605 милиони), Шпанија (3.103 милиони), САД (2.112 милиони) и Аргентина (1.087 милиони литри).

Потрошувачката на вино најниска од 1961 година

Глобалната потрошувачка, пак, на вино во 2024 годуна изнесувала 214 милиони хектолитри, што е намалување од 3,3% во споредба со 2023 година. Ова е најниско ниво на глобална потрошувачка на вино од 1961 година.

Според OIV, ова се должи на повеќе економските и геополитички фактори што генерираат инфлација и создаваат неизвесност, како и на падот на зрелите пазари обликувани од еволуирачките преференции на животниот стил, променливите општествени навики и генерациските промени во однесувањето на потрошувачите.