Македонското јаболко ќе се извезува во Украина без царина, најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа кој вчера присуствуваше на почетокот на бербата на преспанското јаболко.
Хоџа посочи дека набрзо ќе биде потпишан договор со Украина, кој ќе отвори нов пазар значаен за регионот, не само за јаболката, туку и за останатите земјоделски производи.
– Се отвора нов пазар. Ги завршивме преговорите со Украина и јаболкото во оваа земја ќе се пласира со нула посто царина. Останува само техничкиот дел на потпишување на договорите, кој заради пандемијата не можеше да се реализира. Но тоа ќе биде набрзо и е значајно за овој регион не само за јаболката, туку и за другите производи – рече Хоџа.
Не очекува проблем за пласманот на јаболката, нагласувајќи дека Владата ќе субвенционира по три денари за продаден килограм индустриско јаболко.
– Не очекуваме проблем во делот на пласманот на јаболкото. Проблемот се создава во делот на индустриското, кое заради тешката година има поголеми количини. Заради тоа од Буџетот се одвоени по три денари за килограм за производителите за продадено индустриско јаболко – изјави Хоџа.
Иако не очекува проблем при откупот на јаболката, нагласи дека ако навистина има потреба за делување, ресорното Министерство и Владата ќе излезат во пресрет.
Министерот Хоџа го потенцираше и растечкиот тренд за органско јаболко, што претставува уште еден развоен момент, особено ако се знае дека побарувачката на органски земјоделски производи на европскиот пазар од година во година е сѐ поголема.
Пандемијата им ја зголеми побарувачката: Извозот на јаболка лани зголемен за 40,4%
На настанот присуствуваше и премиерот Зоран Заев кој потенцираше дека Владата и Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство ги креираат сите неопходни политики за поддршка на земјоделството и за стимулирање и развој на овоштарството.
“Во 2018 година, за 20 % ги зголемивме субвенциите за одржување на овошни насади за земјоделците со развоен капацитет, а субвенцијата за предадени јаболка се зголеми од 2 на 3 денари по килограм“, истакна премиерот Заев во изјавата за медиумите.