Во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и компанијата Лидл, денеска се одржа работен состанок со македонски производители на земјоделски производи.
На настанот присуствуваа кооперанти и претставници на МАЗЗ – Македонската асоцијација на земјоделски задруги, МЗЗ – Мрежа на земјоделски задруги – и МАП – Македонска асоцијација на преработувачи.
Фокусот на состанокот беше ставен на квалитетот, критериумите за избор на партнери и принципите според кои Лидл развива свои приватни марки, како и извозните потенцијали преку продажната мрежа на Лидл.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, соработката со Лидл може да биде мост за поголем пласман и промоција на македонските земјоделски производи и преработки.
„Потребно е зеднички да работиме и како министерство и како земјоделци за поголемо исполнување на одредени стандарди во производството бидејќи само така можат што повеќе македонски земјоделски производи да пристигнат на пазарите не само во регионот, туку и пошироко“, истакна Трипуновски.
Кои стандарди се потребни за да соработувате со Лидл?
Претставниците на Лидл истакнаа дека компанијата работи исклучиво со партнери кои можат да обезбедат количини на овошје и зеленчук, усогласени со највисоките меѓународни стандарди.
Како основни предуслови за соработка беа нагласени: GLOBALG.A.P. – стандард за добра земјоделска пракса кој овозможува доверба и пристап до нови пазари, GRASP – модул кој ја проверува социјалната одговорност и заштитата на работниците, како и IFS – глобален стандард кој гарантира безбедност и квалитет на храната и оптимизација на производствените процеси.
„Квалитетот е темелот на нашата работа и главниот критериум при изборот на партнери за приватните марки на Лидл. Преку соработката со локалните производители ние сакаме да изградиме долгорочни односи базирани на доверба, стандарди и транспарентност, а потрошувачите да бидат сигурни дека секој производ на нашите полици е безбеден, свеж и со проверен квалитет“, изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.