Костал Македонија, една од најголемите извозни компании од земјава, ја засилува својата позиција како технолошки напредна производствена локација, со визија да стане една од двете најважни фабрики точки на компанијата во Европа. За реализација на оваа амбиција, потребен е високо квалификуван и мобилен кадар, особено во техничките и инженерските профили.

“Успеваме да привлечеме кадар, особено технички, донекаде финансиски и менаџерски, кој работи во Костал благодарение на нашите програми, можности и видот на производството. Технолошки напредните системи што ги развиваме се основа за нашите планови — да станеме една од двете најважни локации на Костал во Европа. Тоа значи дека овде мора да обезбедиме соодветен кадар за сите напредни технологии што веќе се воведени или допрва ќе се воведуваат,“ истакна Виктор Мизо, генерален директор на Костал Македонија.

Мизо посочува дека недостатокот од мобилност на работната сила е еден од најголемите предизвици во Македонија. За разлика од Западна Европа и Северна Америка, каде кадарот лесно се сели од град во град.

И покрај тоа, ние успеавме и сè уште успеваме да привлечеме кадар речиси од целата држава,“ вели тој.

Праксата за техничките науки мора да биде задолжителна

Оваа недела во компанијата завршува летната пракса за девет технички лица, студенти во трета или четврта година. Очекувањата се тие млади инженери да се приклучат кон тимот.

Во Македонија мора да се воведе задолжителна пракса за техничките науки. Само така младите ќе ги разберат реалните можности, предизвиците и природата на работата. Креирањето работни места, особено во компании што создаваат додадена вредност — без разлика дали се производствени или услужни — е клучно за економскиот раст,“ нагласува Мизо.

Според него, вештачкото зголемување на минималната плата врз основа на политички одлуки не е одржливо. „Зголемувањето на платите мора да биде поврзано со раст на продуктивноста,“ додава тој.

Костал Македонија расте и покрај кризата во автомобилската индустрија

И покрај кризата во автомобилската индустрија во Европа, која трае веќе неколку години, Костал успева да расте благодарение на ориентацијата кон електрични и plug-in хибридни возила.

Кризата во автомобилската индустрија трае веќе неколку години и не е директно поврзана со царините на Трамп. Започна со Ковидот, а сè повеќе европски купувачи избираат кинески брендови, а ние како европски производители на компоненти не сме релевантни за тие возила. Сепак, благодарение на нашата гама на производи која е ориентирана кон електрични и plug-in хибридни возила, успеваме да растеме. Во моментов броиме околу 1.200 вработени,“ вели Мизо.

Извор: Ohridnews