Минималната плата ќе биде зголемена на 18.000 денари почнувајќи од март,  државата ќе го субвенционира делот од придонесите за што од Буџетот ќе бидат одвоени 16 милиони евра до крајот на годината, договорија синоќа по неколкучасовни преговори синдикатите, работодавачите и Владата.

Според договореното работодавачите ќе го покријат целокупното нето зголемување на платите за своите вработени кои се на минимална плата, а државата се обврзува да го плати делот на придонесите од сегашната минимална плата од 15.200 денари до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари.

За да се реализира договореното зголемување на минималната плата, само годинава од буџетот ќе бидат одвоени 16 милиони евра.

Договорени се и нови критериуми за усогласување на минималната плата.

Kритериумите за методологијата за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот. Третиот критериум е новина, висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.

 “Осумдесет илјади наши работници, наши сограѓани, од различни индустрии почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари. Оваа сума означува раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно. Зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, која на работниците ќе почне да им се исплаќа на почетокот на април, е мерка која во најголема мера ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Тој очекува дека зголемувањето на минималната плата ќе влијае позитивно и на останатите плати во државата.

„Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, сума која е воедно и двојно покачување од минималната плата од онаа во 2016 година, стануваме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата. Очекуваме оваа мерка да влијае позитивно и на останатите плати во сите други индустрии, со што ќе се подобри стандардот на сите граѓани“, нагласи Ковачевски.

Задоволни од договореното се и синдикатите.

“Добивме минимална плата која изнесува 62% од просечната плата. Добивме една нова методологија каде што велиме 50% од растот на просечната плата и 50% од трошокот за живот, а во методологијата го изоставивме делот за БДП кој во минатото ни правеше големи негативни ефекти, знаејќи дека минатата година беше – 0,7 % и не успеавме да ја усогласиме минималната плата на ниво достоинствено за работниците, истакна претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски.  

Тој се надева дека доследно ќе се почитува и член 8 од Законот за минимална плата според кој со порастот на минималната плата треба да се усогласат и сите останати плати. Димовски најави дека синдикатот ќе продолжи да се бори и за барањето за исплата на регрес за годишен одмор во целиот јавен сектор.

Работодавачите се надеваат дека со зголемувањето на минималната плата, работниците ќе ја покажат својата продуктивност.

“Ова е нова одлука за нас, со нови методологии и нов пристап. Од таа причина ќе мора дополнително да го консултираме нашето членство и да излеземе со став по однос на реперкусиите врз работењето. Како што вети и Синдикатот, очекувам да останат доследни на својот збор дека работниците задоволни од минималната плата ќе придонесат за зголемување на продуктивноста”, изјави претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска.