По инвезијата на руската војска во Украина, цените на нафтата скокнаа, при што Брент нафтата се искачи над 105 долари за барел за прв пат по 2014 година заради загриженоста за прекини во глобалното снабдување со енергија.
Русија започна сеопфатна инвазија на Украина по копно, воздух и море, како најголем напад од една држава против друга во Европа од Втората светска војна.
Како одговор, САД и Европа ветија најстроги санкции за Русија.
„Доколку санкциите влијаат врз платежните трансакции, руските банки, а можеби и осигурувањето што ги покрива испораките на руска нафта и гас, не може да се исклучат прекините во снабдувањето“, изјави Карстен Фрич, аналитичар во Commerzbank.
Ројтерс објавува дека денеска најмалку тројца големи купувачи на руска нафта не биле во можност да отворат акредитиви од западните банки за да ги покријат купувањата.
Глобалниот репер сурова нафта „брент“ поскапе за 7,00 долари, или 7,2 %, на 103,84 долари за барел до 11:39 часот, откако го допре врвот од 105,79 долари.
Нафтата Брент и WTI го достигнаа највисокото ниво од август и јули 2014 година, соодветно.
„Русија е трет по големина производител на нафта и втор по големина извозник на нафта. Со оглед на ниските залихи и намалениот резервен капацитет, пазарот на нафта не може да си дозволи големи прекини во снабдувањето“, смета аналитичарот на UBS, Џовани Стауново.
„Загриженоста за снабдувањето, исто така, може да ја поттикне активноста за поголемо складирање нафта.
Русија е и најголемиот снабдувач на природен гас во Европа, од каде се обезбедуваат околу 35% од потребите.
Прогнозите се дека Брент нафтата најверојатно ќе остане над 100 долари за барел додека не станат достапни значителни алтернативни од САД или Иран, на пример.
Аналитичарите предупредуваат на инфлациски притисок врз глобалната економија од цената на нафтата од 100 долари.