Извозот на македонските компании во февруари достигна 545 милиони евра и е за 5% поголем од лани. Најголем раст на извозот имаат индустриите во кои доминираат странските компании од зоните, кои главно се поврзани со европската евтомобилска индустрија.

 

Извозот на македонската економија во февруари годинава изнесувал 545 милиони евра и е за 5% поголем од извозот реализиран во февруари минатата година, пред да почне пандемијата.

Увозот, пак, во истиот месец изнесувал 745 милион евра и е за 3,5% поголем во споредба со ланскиот февруари. Покриеноста на увозот со извозот во февруари изнесува 73,2%.

Од вкупниот извоз од земјава во февруари, дури 48% отпаѓа на извозот од зоните. Според податоците на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ) извозот од зоните во февруари изнесувал 262 милиони евра и е поголем за 17% во однос на февруари минатата 2020 година.

Во однос на увозот, пак, компаниите во ТИРЗ учествуваат со околу 40% од вкупниот увоз во С.Македонија и во февруари изнесувал 249,3 милиони евра.

За првите два месеци годинава, пак, вкупниот извоз од земјава изнесувал 1 милијарда евра и е за 9,8% поголем од првите два месеци лани. Увозот за првите два месеци достигна 1,4 милијарда евра, раст од 4,4%, додека покриеноста за овој период изнесува 78,4%.

Анализата на статистичките податоци за првите два месеци покажуваат дека најголем раст на извозот има кај хемиските производи (Џонсон Мети) од 34,7%, достигнувајќи вредност од близу 302 милиони евра.

Најголем извоз минатата година од земјава е направен со машини и транспортни уреди, чија вредност на извозот за првите два месеци годинава достигна близу 378 милиони евра и е за 14,8% поголема во споредба со истиот период лани.

Најголем пад на извозот во првите два месеци од дури 29% има кај пијалоците и тутунот, на 14,3 милиони евра.

Извозот на храна првите два месеци изнесувал 45,3 милиони евра и е за 1,5% помал од истиот период минатата година.

Податоците покажуваат дека има раст на македонскиот извоз на најважните пазари. Извозот во ЕУ бележи раст од 11,3%, додека извозот во земјите од Западен Балкaн извозот е зголемен за 5,8%.

Најголем извоз во првите два месеци е реализиран во Германија во вредност од 570 милиони евра, годишен раст од 22%. Извозот во Германија претставува дури 53% од вкупниот извоз на земјата. Податоците покажуваат понатамошно зголемување на концентрацијата на извозот кон Германија, каде главно извезуваме делови за автомобилската индустрија, во споредба со минатата година, кога извозот во Германија учествувал со 47,7% од извозот на земјата.

Гледано по земји раст на извозот во првите два месеци има и во Италија (31,6%), Чешка Република, (+48,3%), Русија (40,8%), Велика Британија (+11%), Србија (+9,9%), Косово (+4%).