Според последните податоци од Државниот завод за статистика, просечната исплатена нето плата во Македонија во јуни годинава достигна 28.744, што е за 7% повисока во споредба со истиот месец минатата година.

Но, иако просечната плата расте, таа е се уште недостижна за многу вработени кои работат во сектори во кои доминираат компании со приватна сопственост и кои вработуваат најголем дел од вработените.

Статистичките податоци покажуваат дека во петте клучни индустрии кои вработуваат најмногу луѓе, но и кои создаваат најмногу од додадената вредност во економијата, просечната плата во јуни била пониска од просечната плата во држава. Од друга страна, просечната плата која ја добиваат вработените во јавната управа и одбрана е повисока и од просечната плата во државава, но и од платите кои ги добиваат вработените во петте клучни сектори за македонската економија, преработувачка индустрија, трговија, земјоделство, градежништво и транспорт и складирање .

Така на пример, просечната плата во јавната управа и одбрана во јуни изнесувала 31.628 денари, што е за 10% од националната просечна плата, а дури за 31% повеќе во споредба со платата која ја добивале вработените во преработувачката индустрија, а која во јуни изнесувала 24.132 денари.

За да биде појасно преработувачката индустрија е костурот на секоја економија, а исто е случај и со македонската еконпомија. Во преработувачката индустрија се создава околу 80% од вкупното индустриско производство и во неа според последните податоци работат околу 156 илјади лица или околу 20% од вкупниот број на вработени во државата. Во преработувачката индустрија се создава и најголем дел, односно околу третина од додадената вредност во економијата, а во неа работат и најголемиот дел од извозните компании кои создаваат нето девизни приливи за државата.

Платата на вработените во јавната управа во јуни била повисока за 18,4% и од просечната плата на вработените во трговијата на мало и големо, каде според последните податоци се вработени 120 илјади лица чија просечна плата во јуни изнесувала 26.702 денари или за 7,6% помалку од државниот просек. Трговијата има второ најголемо учество во создавањето на додадената вредност во економијата, после прераотувачката индустрија.

Покрај од преработувачката индустрија и трговијата, платите во јавната управа се повисоки и од просечните плати кои во јуни биле исплатени во градежништвото, земјоделието, транспортот. Податоците покажуваат дека во овие пет индустрии се вработени вкупно 449.075 лица или 75% од вкупниот број на вработени во приватниот сектор.

Од друга страна, вработените во јавниот сектор покрај повисоки плати се “наградени” и имаат подобар третман во однос на работниците во приватниот сектор заради тоа што имаат поголема сигурност на работното место, загарантиран одмор, право на боледување…

Нивните плати се повисоки и од просечнте плати во образованието, каде во јуни била исплатена просечна плата од 27.736 денари. Просечните плати, пак, во секторот на здравствена заштита биле повисоки и во јуни изнесувале 36.190 денари.

Од друга страна, највисоки плати во македонската економија добиваат вработените во секторот информации и комуникации. Нивната просечна нето плата во јуни изнесувала 54.627 денари, а во овој сектор имало 24.099 вработени.
Следи секторот финансиски дејности и осигурување, каде работат 12.562 лица, а нивните просечни плати во јуни изнесувале 46.908 денари.

Постојната статистика не дава можност за споредба на платите во државните институции и приватниот сектор на национално ниво, бидејќи податоците за плати се дадени само во сектори без да бидат прецизирани и податоци за сопственоста.
Во повеќето земји во светот, платите во приватниот сектор се повисоки од платите кои се исплаќаат во јавниот сектор. Дури и преку економските политики се поттикнува да има поголем јаз во корист на платите во приватниот сектор, затоа што приватниот сектор е тој што преку економските активности и плаќањето на даноци го полни буџетот.
Но, економските теории велат дека повисоките плати во јавниот сектор или нивното нереално зголемување индиректно создава и друг проблем. Бидејќи секое зголемување на платите во јавниот сектор предизвикува притисок за неосновано зголемување на платите и на вработените во приватниот сектор, намалувајќи ја на тој начин конкурентноста на компаниите.
За споредба во Германија, платите во приватниот сектор се за 26% повисоки од платите кои се исплаќаат во јавниот сектор.
Во Грција, пак, платите во јавниот сектор од 2000 година биле во постојан пораст одлепувајќи се од платите во приватниот сектор се до 2008 година кога заради кризата мораше да бидат скратени трошоците за плати и пензии во буџетот за да земјата избегне банкрот.