Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, потпиша 17 решенија на производители на преспанско јаболко, кои успешно ја поминаа верификацијата и ќе може непречено да го користат заштитениот географски назив „преспанско јаболко“.

Со заштитата на географскиот назив „преспанско јаболко“, тој се заштитува од имитација, злоупотреба и лажно декларирање. Всушност, се заштитуваат угледот и автентичноста на овој производ. Потрошувачите што ќе видат производ јаболко што ја носи оваа ознака, може да бидат сигурни дека ќе јадат автентичен производ од Преспанскиот Регион со загарантиран квалитет.

Врз основа на член 148 став 1 од Законот за квалитетот на земјоделските производи, Земјоделската задруга „Преспанка – преспанско јаболче“ од Ресен, кон крајот на 2021 година поднесе барање за регистрација на географска ознака до Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. За таа цел се формира стручна комисија за спроведување постапка за регистрирање заштитена географска ознака – преспанско јаболко.

Стручната комисија во целост ја запази постапката за регистрација, при што донесе две одлуки:

– одлука дека барањето, ревидираниот елаборат и придружната документација за регистрирање заштитена географска ознака – преспанско јаболко се основани и

– одлука дека предлог контролниот план изработен од страна на Државниот инспекторат за земјоделство за верификација на соодветноста на производот со елаборатот е основан.

Врз основа на горенаведените одлуки, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, донесе одлука за одобрување на контролниот план, како и Решение за регистрација на заштитена географска ознака – Преспанско јаболко (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 265/2022).

Државниот инспекторат за земјоделство, во согласност со одобрениот контролен план, изврши верификација на соодветност на самото место на површините со јаболка кај секој член на Земјоделската задруга „Преспанка – преспанско јаболче“ од Ресен и достави извештај за завршена верификација врз основа на кој министерот потпиша 17 решенија на производители на преспанско јаболко, кои во иднина ќе може непречено да го користат заштитениот географски назив.

Ова е голем успех. Министерството останува отворено за поддршка на сите што сакаат да го заштитат својот производ со некоја од ознаките за квалитет: заштитена географска ознака, ознака за потекло и загарантиран традиционален специјалитет.