Регистрациите за патнички автомобили во Европската унија се намалени во месец февруари за 6,7% во споредба со истиот месец пред една година, соопшти Европската асоцијација на производители на автомобили, бидејќи нарушувањата во синџирот на снабдување продолжуваат да се зголемуваат и да им создаваат проблеми на производителите на автомобили.

Со 719.465 автомобили продадени во ЕУ, ова е најслабиот резултат во однос на обемот за месец февруари откако се води евиденција, соопшти здружението ACEA.

Пазарите во Италија и Франција забележаа загуби од 22,6% и 13% соодветно во февруари, додека Шпанија и Германија пораснаа за 6,6% и 3,2% по секоја, според ACEA.

Ако се гледа според производители на автомобили, најголем пад на продадени автомобили во февруари имала групацијата Stellantis од 16,9%, Volkswagen групацијата имала пад од 10,6%, Renault имала помала продажба за 5,2% во споредба со ланскиот февруари, додека групацијата Hyundai имала раст на продажбите од 23,4% на пазарите на ЕУ, ЕФТА и Велика Британија.