Продажбата на органска храна во Германија – вториот најголем органски пазар во светот – достигна рекордна бројка од 16,85 милијарди долари во 2020 година, што претставува раст од 22% во споредба со претходната 2019 година.
На овој пазар е сконцентрирана повеќе од една третина од вкупната продажба на органска храна во Европската унија (ЕУ).
Според извештајот на Глобалната земјоделска информативна мрежа (GAIN), забележителна e промена во купувањето на храна за широка потрошувачка за време на пандемијата на Ковид-19, поради зголеменото работење од далечина, мерките за изолација и ограничувањата во претпријатијата. Ова ги наведе потрошувачите да купуваат повеќе храна во малопродажниот сегмент, како резултат на тоа, продажбата на органски производи беше зголемена.
Најпродавани органски производи се месото, брашното, овошјето и зеленчукот. Најголем раст од 25% има органското овошје.
Извештајот нагласува дека органскиот сегмент пораснал со приближно двојно поголема стапка од вкупниот пазар на храна.
Бидејќи побарувачката за органска храна не можела да се покрие од локалниот пазар, тоа резултира со поголем увоз.
„Земјата се повеќе зависи од увезените органски производи за да ја задоволи побарувачката“, се вели во извештајот.
Како препорака за потенцијалните добавувачи, се посочува дека треба да ги анализираат германското и ЕУ законодавството за храна, барањата за пакување и етикетирање, комерцијалните практики, законите поврзани со трговијата, тарифите, како и можните увозници и дистрибутивниот систем.
Продажбата на органска храна во Германија беше поделена на традиционални трговци на храна, како што се супермаркетите и специјализирани продавници за органска храна. Последните се главните двигатели на растот на продажбата на органска храна, се посочува во Извештајот.