Индустриското производство во Германија покажа привремени знаци на подобрување на почетокот на годината, додека извозот ја стартува годинава со намалување.
Германската индустрија го зголеми производството на почетокот на годината, делумно благодарение на позитивниот развој во автомобилската индустрија. Во јануари, производството во производствените компании се зголеми за 2% во однос на истиот месец лани, објави Дестатис.
Ова е најсилното зголемување на производството од август минатата година, додека во декември минатата година германската индустрија имаше намалување на производството од 1,5%.
Позитивниот развој на производството во јануари се должи особено на растот во автомобилската индустрија, каде производството во јануари бележи раст од 6,4% во однос на претходниот месец. Раст на производството во јануари имало и кај германската прехранбена индустрија, додека намалување се бележи кај производството на метални производи.
Растечките трговски конфликти го намалуваат германскиот извоз
Во првиот месец од 2025 година во германските компании извезле во странство со вкупна вредност од 129,2 милијарди евра. Според Сојузниот завод за статистика, ова е за 2,5 % помалку отколку во декември и 0,1% помалку од една година порано.
Во текот, пак, на целата 2024 година германските извозници извезле стоки во вкупна вредност од 1.556 милијарди евра, што е за 1,2 % помалку од една година порано.
Агресивната индустриска политика на Кина, како и зголемените трговски конфликти со САД го земаат својот данок што се одразува врз негативните резултати на извозната германска економија.
Само неколку сектори очекуваат зголемување на продажбата во странство во наредните месеци, како што покажа најновото истражување на институтот ifo за очекувањата за извозот.
„На извозната економија и недостига динамика и дух на оптимизам“, резимира Клаус Волербе, раководител на истражувањето на Ифо. „Домашните компании се уште чекаат зголемување на побарувачката од странство”.
Во меѓувреме, увозот во Германија се зголеми на 113,1 милијарди евра во јануари, според прелиминарните податоци на Сојузниот завод за статистика. Ова е зголемување и во однос на претходниот месец (+1,2 %) и истиот месец лани (+8,7 %).
Иако податоците од почетокот на 2025 година сигнализираат дека германската економија изгледува од рецесија, се уште е рано за заклучоци. Ако администрацијата на САД ги оствари најавите на претседателот Трамп за воведување на царини за автомобили и увоз од ЕУ од 25%, Германија, како најголем извозник во САД, ќе биде особено погоедена.