САД и Кина се согласија да ги намалат високите казнени царини за стоките, што претставува големо затоплување на трговските односи што го ресетира тонот меѓу двете најголеми економии во светот од отворен конфликт до конструктивен ангажман.

По разговорите за време на викендот во Женева договорено е „реципрочната“ царина на претседателот Трамп за Кина да падне на 10% од 125%.

Посебната царина од 20% што претседателот Трамп ја воведе поради она што го опиша како улога на Кина во трговијата со фентанил ќе остане.

Пекинг ќе ги намали своите одмазднички царини за американските стоки на 10% од 125%.

САД соопштија дека намалувањата ќе траат 90 дена додека разговорите продолжуваат.

Договорот ги намали нивоата на царините повеќе отколку што очекуваше Волстрит и тој дојде по само два дена разговори. По оваа информација дојде до скок на вредноста на акциите на многу компании и закрепнување на пазарите низ целиот свет, пораст на вредноста на доларот и зголемување на приносите на обврзниците.

Трговијата меѓу САД и Кина речиси прекина годинава, откако претседателот Трамп воведе високи царини за кинеските стоки, а Пекинг возврати. Тоа ги потресе големите и малите бизниси што зависат од Кина за стоки и производство, и ги зголеми ризиците и стравовите од забавување на светската економија и стагфлација.

Изгледите за многу пониски од очекуваните царини, како и 90-дневениот прозорец за понатамошни разговори отвораат можност дека може да се избегне најлошата штета врз економијата.

САД и Кина не сакаат раздвојување, туку балансирана трговија

Двете земји ги претставуваа своите национални интереси многу добро“, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент по разговорите со кинеските претставници во Женева, кој зборуваше заедно со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир по разговорите за време на викендот во Швајцарија, на кои двете страни го поздравија напредокот во стеснувањето на разликите.
Консензусот од двете делегации овој викенд е дека ниту една страна не сака раздвојување“, рече Бесент. „А она што се случи со овие многу високи царини… беше еквивалент на ембарго, а ниту една страна не го сака тоа. Ние сакаме трговија.“

Средбите во Женева беа првите директни интеракции меѓу високи американски и кинески економски претставници откако Трамп се врати на власт и започна глобална царинска војна , наметнувајќи особено високи давачки за Кина.

Бесент рече дека дека САД ќе продолжат со стратешко ребалансирање во области како што се лекови, полупроводници и челик, каде што идентификувале ранливости во синџирот на снабдување.

Фото: Freepik