Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави дека планира да ги зголеми царините за увоз на челик во САД од 25% на 50%, со што ќе го зголеми притисокот врз глобалните производители.
“Ќе воведеме зголемување на царинската стапка од 25%. Ќе ги зголемиме царините за челик во САД од 25% на 50%, што дополнително ќе ја заштити американската челична индустрија“, рече Трамп на митинг во Пенсилванија.
Подоцна на социјалните мрежи Трамп изјави дека и царините за увоз на алуминиум исто така ќе се зголемат на 50%. Новите царините ќе стартуваат од среда, 4 јуни.
САД е најважниот пазар за продажба за европската челична индустрија
Европската комисија изрази жалење за американските царини за увоз на челик и изјави дека е подготвена да воведе контра мерки. Податоците покажуваат дека САД учествувале со околу една петтина, или 4 милиони тони, од европскиот извоз на челик надвор од ЕУ, што ги прави најважниот извозен пазар во секторот. Од извезените 4 милиони тони челик во САД, еден милион тони се произведени во Германија.
Германската челична индустрија реагира со голема загриженост на најавените царини, со оглед дека Германија е меѓу 10-те земји најголеми извозници на челик во ЕУ.
„Двојното зголемување на американските царини за увоз на челик, објавено од претседателот Трамп, означува нова ескалација во трансатлантскиот трговски конфликт“, изјави Керстин Марија Рипел, генерален директор на Германската федерација за челик.
„Данокот од 50 % на извозот на челик е огромен товар за нашата индустрија, бидејќи дополнително ќе го зголеми веќе големиот притисок врз економијата и ќе влијае на нашата челична индустрија на многу начини“, смета Рипел.
Мерките би ставиле поголем товар врз директниот извоз во САД. Но, уште попроблематичен е индиректниот ефект: традиционалните земји добавувачи се под закана од губење на пристапот до американскиот пазар поради „преголемите царини“ и последователно ќе го пренасочат својот челик кон пазарот на ЕУ. Ова дополнително ќе го влоши веќе значителниот притисок за увоз врз Европа.
Како ќе влијааат царините врз македонската челична индустрија?
Македонија има мал извоз на челик и алуминиум во САД, па ова зголемување на царините нема директно да ја погоди домашната челична индустрија.
Она од што најмногу стравуваат компаниите во оваа индустрија е воведување на заштитни мерки од страна на ЕУ. Во случај ЕУ да воведе мерки за да се заштити од преголемиот увоз на челик и алуминиум, македонската челична индустрија би сила силно погодена, бидејќи поголемиот извоз на челик и челични производи е на европските пазари.
Во февруари, Трамп ги зголеми царините за челик и алуминиум на 25% „без исклучоци или ослободувања“ во еден од неговите први потези за да им помогне на индустриите кои се борат со странска конкуренција.
Царините ќе се применуваат на милиони тони челик и алуминиум увезени од Канада, Бразил, Мексико, Јужна Кореја, ЕУ и други земји кои извезуваа во САД без царина.
Сепак, останува да видиме дали САД вистински ќе ги воведат царините или и ова е само уште еден притисок од Трамп со цел да добие поголеми поволност.
Заканата со нови царини за одредени трговски партнери досега на неколкупати се покажа дека е само преговарачка тактика за Трамп да преговара за најдобриот можен „договор“, т.е. да добие отстапки од своите трговски партнери. Многу од трговските партнери на кои тој им воведе нови царини, вклучувајќи ја и Европската Унија, веќе преговараат со САД за да избегнат нови царини. Во случајот со ЕУ, Трамп неодамна ги суспендираше заканите за дополнителни царини од 50 проценти од вредноста на увезената стока до почетокот на јули за да овозможи повеќе време за преговори.