Федералните резерви на САД одлучија да ја зголемат основната каматна стапка за половина процент, што е најголемото зголемување на каматите од 2000 година, како и план за намалување на своето портфолио на средства од 9 трилиони долари, во борбата за намалување на инфлацијата која е на највисоко ниво во изминатите 40 години.
Потезите, одобрени едногласно од Комитетот за утврдување стапки на ФЕД, ќе ја подигнат референтната стапка на федералните фондови на централната банка од сегашните 0,5% на целниот опсег помеѓу 0,75% и 1%.
Претседателот на Банката на федерални резерви, Џером Пауел, на прес-конференција рече дека официјалните претставници нашироко се согласиле дека дополнителните зголемувања за половина поен може да бидат оправдани во јуни и јули со оглед на тековните економски услови.
„Инфлацијата е многу висока. И ние ја разбираме тешкотијата што ја предизвикува, и забрзано се движиме за да ја вратиме назад. Имаме и алатки што ни се потребни и решителност што ќе биде потребна за да се врати стабилноста на цените“, изјави Пауел.
Централната банка на САД ја зголеми каматната стапка на 17 март годинава за 0,25 процентни поени, на 0,5%, што беше прво зголемување на референтната стапка од 2018 година.
Каматната стапка се зголемува за да се забави инфлацијата со тоа што ќе се ограничи побарувачката со тоа што го поскапува позајмувањето. Но, тоа исто така може да го забави економскиот раст и потенцијално да ја зголеми невработеноста.
ФЕД засега се решителни дека намалувањето на инфлацијата е приоритет и дека доколку е потребно ќе следи уште едно зголемување на каматите на следниот состанок во јуни годинава.