Владата на вчерашната седница го усвои ребалансот на Буџетот за 2020 година според кој буџетскиот дефицит годинава ќе изнесува рекордни и највисоки досега 8,4% од БДП, пред се заради зголемувањето на расходите за финансирање на мерките преземени за ублажување на економските последици од пандемијата со Ковид 19.
Приходите според новиот ребаланс ќе останат непроменети, односно не се планираат никакви зголемување на даноците.
Од Владата не соопштуваат колку изнесува планираниот раст на расходите, но сопштуваат дека покривањето на зголемените расходи и буџетскиот дефицит ќе се покрива преку задолжување на домашниот пазар.

„Приходната страна на буџетот останува непроменета, а очекуваниот дефицит ќе се покрие со задолжување на домашниот пазар. Со ребалансот не се предвидени никакви импликации во однос на социјалните трансфери и пензии и тие ќе се исплаќаат редовно. Сите мерки од пакетите 1, 2, 3 и 4 за поддршка на економијата и граѓаните во услови на здравствено-економска криза, ќе се реализираат согласно плановите до крајот на годината за ликвидност на економијата преку ликвидност на компаниите, и за зголемување на јавната потрошувачка“, соопштуваат од Владата.

Со дополнително кратење на непродуктивни трошоци и со реалокација на средствата во Буџето, велат од Владата, ќе се задржи исполнувањето на обврските како што се редовната исплата на доспеаните долгови и субвенции, особено во програмите за рурален развој, за образование, за заштита на животната средина и други еколошки проекти, како и за реализација на капиталните проекти.
освен дека средствата што ќе недостигаат, ќе се покриваат со задолжување на домашниот пазар.

Според Буџетот за 2020 година донесен пред кризата, се предвидуваше буџетски дефицит од 2,3% од БДП или 282,6 милиони евра.

Со првиот ребаланс кој беше направен во мај годинава, со прогнозиран пад на економијата од 3,4%, буџетскиот дефицитот порасна на 751 милион евра или 6,4% од БДП.