Германските индустриски нарачки умерено се зголемијле во мај, но една петтина (21%) од фирмите во најголемата економија во Европа стравуваат од несолвентност, со што се поткрепуваат очекувањата за бавно и болно закрепнување на економијата од последиците од пандемијата на коронавирус, објави Ројтерс.
Германија ја издржа пандемијата подобро од другите големи европски земји, бележејќи помалку смртни случаи Ковид -19, а нејзината економија се покажа како релативно еластична, како резултат на дарежливите пакети и стимули од страна на државата.

Последните податоци покажуваат дека индустриските нарачки пораснале за рекордни 10,4% во мај во споредба со април, што е позитивна вест, но растот е за скоро третина помалку од предвидувањата и очекувањата во анкетата на „Ројтерс“.
„Податоците за нарачките сигнализираат дека рецесијата во производниот сектор ја надмина својата најниска точка“, велат од германското министерство за економија. „Но, ниското ниво на нарачки исто така покажува дека процесот на закрепнување е далеку од готов“.

Стравувањата од бавно закрепнување беа засилени со истражувањето на економскиот институт Ifo што покажува дека 21% од фирмите стравуваат дека пандемијата може да ги присили да го затворат бизнисот во очекување дека масовните банкроти во наредните неколку месеци може да го нарушат економското заздравување.

Според Ifo, секторот на услуги е најпогоден и околу 85% од туристичките агенти и тур-операторите одговориле дека им се заканува несолвентност, а истото го очекуваат 76% од хотелите и 67% од рестораните.
Владата сака да ја заживее економијата преку зајакнување на потрошувачката преку пониски стапки на данок на додадена вредност за втората половина од годината и еднократна помош за секое дете.
Сликата не е подобра за германските извозно ориентирани производители, кои се соочија со намалена побарувачка и пред пандемијата, како резултат на трговските спорови меѓу САД и Кина, неизвесностите поврзани со заминувањето на Велика Британија од Европската унија и автомобилскиот сектор кои се бори со скапиот премин кон електрични возила.
Владата очекува германската економија да се намали за 6,3% оваа година, што ќе биде најголем пад по Втората светска војна.