Европската комисија одобри 3,2 милијарди евра субвенции кои ќе ги поделат седум земји членки кои ќе го развиваат проектот за производство на батерии потребни за производство на електричните автомобили.
Германија, Франција, Италија, Полска, Белгија, Шведска и Финска се седумте земји вклучени во проекто, во кој пак ќе учествуваат 17 компании. Се очекува субвенциите од 3,2 милијарди евра да генерираат допонителни приватни инвестиции од 5 милијарди евра.
Овој проект е еден од стратешките проекти на ЕУ, во склоп на Европскиот сојуз на батерии, кој е во согласност со плановите и целите на ЕУ целосно да ги исфрли од употреба автомобилите на внатрешно согорување и да се насочи кон електричните автомобили.
Европската автомобилска индустрија вработува повеќе од 10 милиони работници и ЕУ е особено загрижена за зависноста на Европа од увозот на батерии од Азија кога станува збор за овој стратешки важен сектор.
Трошоците за батерии учествуваат со дури 40% од вкупната цена на електричните автомобили, а моментално ги произведуваат компании од Јужна Кореја, Кина и Јапонија.
“Производството на батерии во Европа е од стратешко значење за нашата економија и општество заради нејзиниот потенцијал за чиста мобилност и енергија, создавање работни места, одржлив развој и конкурентност”, смета еврокомесарката Маргарета Вестагер, одговорна за политиката на конкуренција.
Целосното завршување на проектот е планирано за 2031 година.
Побарувачката за батерии се очекува да расте многу брзо во наредните години.
Европската алијанса за батерии беше лансирана од страна на Европската комисија на крајот на 2017 година.
Директните учесници можат да добијат финансирање до 3,2 милијарди евра. Поточно: Белгија аплицираше за грант од околу 80 милиони евра; Финска до околу 30 милиони евра; Франција до околу 960 милиони евра; Германија до околу 1,25 милијарди евра; Италија до околу 570 милиони евра; Полска околу 240 милиони евра и Шведска близу 50 милиони евра.