КОЛУМНА

Автор: Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

За остварување на побрз економски раст, на РС Македонија и е потребен нов модел базиран на поголема продуктивност, инвестиции и зголемен нето извоз.
Постојат дилеми дали моделот на пост-ковид економски раст повторно треба и може да биде базиран врз извозот, имајќи предвид дека пандемијата ја покажа чувствителноста на извозот и светската трговија од екстерни шокови.
Одговорот на оваа дилема е дека извозот мора да биде и натаму главниот генератор на растот на македонската економија.



Раст на БДП, пад на невработеност, раст на платите, подобар животен стандард. Недостиг од квалификуван кадар, има или нема инвестиции, нема иновации, има одлив на мозоци. Сами или обединети во регионот. Ова се зборовите поткрепени со бројки, статистички податоци и анализи кои сите ние ги употребуваме кога добиваме улога да дадеме коментар од позицијата од која настапуваме, за економската слика на државата, како да се забрза растот на македонската економија, со предлог мерки кои би можеле да го олеснат и зголемат извозот и трговијата и сето тоа надополнето со последиците од светската пандемија предизвикана од Ковид-19 вирусот.

Официјалните податоци покажуваат негативна слика за македонската економија. Има ли магична формула за да се постигнат позитивни резултати и во вакви сложени економски услови на глобално ниво? Искуствата на одредени земји во светот потврдуваат дека е тоа возможно.

Друго е прашањето дали можеме, дали знаеме и дали сакаме и како да се преструктуираме за локомотивата да повлече кон позитивни остварувања и Македонија конечно да фати приклучок со економиите во раст.

Да почнеме со ред…

КОВИД-19 предизвика длабоки последици за македонската економија. Лошите економски остварувања во 2020 година се видливи во сите нејзини сегменти. Всушност, тие само се надоврзаа на долгорочните структурни слабости на македонската економија, или поточно ги потенцираа.
Пандемијата ја намали економската активност, пред се преку намалување на агрегатната побарувачка, извозот и увозот, ги запре приватните инвестиции и ги зголеми трошоците на работење за компаниите.

Во бројки, економските перформанси во 2020 година, се следни:

  • БДП се намали за 4,5%;
  • Учеството на бруто-инвестициите во БДП паднаа на 29,6% од 34,5% во 2019 година;
  • Извозот забележа пад од 10,2%;
  • Воедно, здравствената криза допринесе за влошување на човечкиот капитал преку нарушено здравје и поголема смртност, како и зголемена стапка на сиромаштија.

РС Македонија спаѓа во групата на земји со високо-среден приход од 6.022 американски долари БДП по глава на жител во 2019 година, според Светската банка. Стапката на раст на БДП во 2018 година изнесува 2,9%, а во 2019 година е 3,2%. Како и во претходните 10 години, стапките на раст на БДП се релативно ниски и не овозможуваат поосетна конвергенција на БДП кон просекот на новите членки на Европската Унија (ЕУ), а уште помалку кон развиените земји во ЕУ.

Во изминатата деценија, главен двигател на економскиот раст во земјава е извозот, кој расте побрзо од порастот на домашната побарувачка. И покрај тоа што постои тренд на подобрување на извозната структура, во неа се`уште доминираат производи со средна и ниска технологија, како што се катализатори, сетови на проводници за палење, делови за седишта, но и фероникел, текстил, облека и обувки, прехранбени производи, минерали и метали и други производи со помала додадена вредност.

За остварување на побрз економски раст, на РС Македонија и е потребен нов модел базиран на поголема продуктивност, инвестиции и зголемен нето извоз.
Постојат дилеми дали моделот на пост-ковид економски раст повторно треба и може да биде базиран врз извозот, имајќи предвид дека пандемијата ја покажа чувствителноста на извозот и светската трговија од екстерни шокови.

Одговорот на оваа дилема е дека извозот мора да биде и натаму главниот генератор на растот на македонската економија. Постојат три причини за ова:

  1. За мали економии со пазар од помалку од два милиони жители, извозот е единствена перспектива за голем број на компании;
  2. Фокусирањето на извоз ги фокусира компаниите на иновации и зголемување на продуктивноста, а тие се од суштинско значење за конкурентноста на компаниите и економијата;
  3. Извозните можности се значајни не само за фирмите кои извезуваат, туку и за сите други во економијата бидејќи перспективата за поголем пазар го зајакнува претприемачкиот мотив и охрабрува влез на нови фирми. 


Како да се оствари овој извозно-базиран раст во услови на пост-пандемски свет?

Како што е познато, секоја криза е и можност за отварање на нова “врата”. Така и КОВИД 19-пандемијата, со експонирањето на слабостите од преголема концентрација на извозните пазари (во случајот на Македонија тоа е доминација на пазарот на ЕУ) и производи, индиректно укажува и каде е перспективата. Имено, за поголем извоз и повисок раст на економијата, потребно е извозна диверзификација, како во однос на пазарите, така и во однос на производите. Тоа ќе ја направи економијата порезистентна, поотпорна на евентуално нови слични шокови како КОВИД-19.


Освојувањето на нови пазари и проширување на палетата на извозни производи не е прашање на избор, туку е неминовност во новата реалност на свет во кој шокови како КОВИД-19 можат нагло да ги прекинат дистрибутивните канали и да ја влошат светската трговија, како и синџирите на снабдување. Само земјите кои во такви околности можат брзо да се пренасочат кон други, помалку погодени пазари од кризата, ќе можат да просперираат.

За да се постигнат овие цели, потребен е координиран пристап на сите инволвирани субјекти: фирмите, комората, банките и државните институции.

Во својот дел, фирмите треба да се реорганизираат согласно новите технолошки тенденции: дигитализација, иновации, вложување во човечкиот потенцијал за креирање на нови вештини и знаења.
Економскиот потенцијал на македонското стопанство не лежи само во традиционалните сектори или во високо-технолошкото производство, туку и во комбинирањето на нови активности со постојните традиционални сектори за создавање на поголема додадена вредност во економијата.
Оттука, постои јасна потреба за утврдување на нови сектори со повисок потенцијал, како и подобрување на иновативните капацитети.

Така на пример, квантитативната анализа за Македонија за тнр. смарт-специјализација, укажува на нови сектори со повисока додадена вредност погодни за понатамошна специјализација, како што се ИКТ, производство на електронски компоненти, производство на делови за моторни возила, телекомуникациски услуги, издавање на недвижности, преработувачка на земјоделски производи итн.

Државата, банките и комората треба да дадат поддршка на овие процеси преку мерки и иницијативи за географска и структурна диверзификација на извозот. Тоа вклучува  платформи како што е “Отворен Балкан”, за зголемување на извозот од Македонија кон земјите од Западен Балкан како традиционални партнери за македонските компании со ниски транспортни и дистрибутивни трошоци.
Но, потребни се и иницијативи за освојување на нови пазари надвор од Европа, како што се пазарите на пример на Блискиот Исток.

Фирмите кои сакаат да го прошират своето производство и извоз, треба да имаат на располагање субвенционирани долгорочни кредитни линии, имајќи предвид дека секоја трансакција на нови пазари, посебно во услови на криза, е високоризична. Во таа насока би било потребно воспоставување на извозно-гарантна шема на Развојната банка на РСМ (по примерот на Хермес+ во Германија), која би ги покривала комерцијалните ризици од извоз кон нови и тешко “освоиви” пазари, со тоа што ризикот наместо компаниите-извозници, би го превзела државата.

Растот на извозот преку географска и структурна диверзификација, базиран врз вложувања во иновации, нова технологија и човечкиот капитал, а поддржан од државата и банките со поволни кредити и гарантни шеми за осигурување, се клучот за заздравување на македонската економија и остварување на посакуваните повисоки стапки на економски раст од најмалку 5% годишно.

Конечно, инвестирањето во човечки капитал преку надградба на вештини и преквалификација е од суштинско значење за постигнување повисоки стапки на економски раст. Ако Македонија сака да оствари поголем извоз и економски раст, потребно е од земја на евтина работна сила, да прерасне во земја на квалитетни инжинери, технолози, компјутерџии и машински техничари.

Во таа насока, позитивно е што последните зеднички активности на Владата и Стопанската Комора на Северна Македонија, помогнаа драстично да се згoлеми бројот на компаниите кои партиципираат во дуалното образование, на 211 компанија, што е чекор во вистинска насока.

Следната фаза на развој на македонската економија ќе зависи од квалитетот на работната сила, од стручноста на инжинерите, технолозите и менаџерите, и затоа е битно да се зголеми бројот и посебно квалитетот на работниците и техничкиот кадар. Ова е многу битно како за домашните фирми, така и за странските инвеститори, и затоа Комората ќе продолжи и понатаму суштински да придонесува за развојот на дуалното образование во Република Северна Македонија.

Колумната е објавена во најновата едиција “Топ 100 Извозници”