Македонската ИКТ индустрија продолжува да руши рекорди во извозот на странски пазари и во време на корона.
Податоците покажуваат дека извозот на ИКТ индустријата, односно извозот на информациски, компјутерски и телекомуникациски услуги од Македонија минатата година достигна 241,6 милиони евра, што е раст за 10,7% или за околу 24 милиони евра во споредба со извозот остварен во претходната 2019 година, покажуваат податоците од Народната банка.
Најголем дел од овој извоз или 215 милиони евра отпаѓа на извоз на компјутерски услуги, а помал дел од 16 милиони евра отпаѓа на телекомуникациските услуги и 10,8 милиони евра на информациски услуги.
Извозот на компјутерски услуги минатата година имал најголем раст од 15% или за 27 милиони евра, извозот на информациските услуги е зголемен за 14%, додека телекомуникациските услуги се намалени за 24% .
Извозот на информатички и компјуертски услуги бележи континуиран раст во изминатите неколку години, кој очигледно не беше попречен ниту со пандемијата.
Така во споредба со пред пет години извозот на информациски, компјутерски и телекомнукациски услуги од земјава е зголемен за 61%. Или извозот остварен лани бил поголем за 91 милион евра во споредба со извозот остварен во 2016 година, односно извозот на ИТ секторот растел со просечна годисшна стапка од 13,6%.
Но, растот е значително поголем во делот на извоз на компјутерски услуги, кој во изминатиот петгодишен период е зголемен за 131%, или за околу 122 милиони евра во споредба со 2016 година кога извозот изнесувал 93 милиони евра.
Според неодамна објавениот извештај од страна на комората МАСИТ, најголеми извозни пазари за македонските ИТ компании се САД, Германија, Србија, Албанија и Бугарија.
Учеството на ИКТ индустријата во вкупниот извоз на земјата во 2019 година изнесува 3,58%, но она што е позначајно е оваа индустрија е нето извозник, односно повеќе звезуа, отколку што увезува, заради што има потенцијал да ја зголеми додадената вредност на македонскиот извоз и да го намали трговскиот дефицит во размената со странство.