Автор: Амбасадор д-р ИЛИЈА ПСАЛТИРОВ, eкономски советник за Полска, Чешка, Словачка и Унгарија
Новиот концепт на економска дипломатија со испраќање економски советници во внимателно одбрани земји, ќе даде нова димензија во сегментот на соодветно и стручно покривање на економските аспекти од дипломатското претставување на нашата земја во странство. Македонската економија, а со тоа и главните носители на економскиот живот, а тоа се компаниите, несомнено заслужуваат да бидат поддржани во освојувањето на нови пазари, во привлекувањето нови туристи, и во креирањето услови за стабилност во водењето бизнис и создавање нови инвестиции. Економската дипломатија е само еден, но исклучително важен сегмент во поддршка на економскиот развој, кој што во корелација со другите домашни економски политики треба да придонесе нашата држава и пред сè нашите граѓани и фирми, да го достигнат европскиот стандард на живеење, по кој се мечтае во изминатите триесет години, од независноста, до денес.
Обезбедување економски напредок на земјата е еден од врвните приоритети на Владата на Р.С. Македонија, посебно ако се има во предвид, дека за време на глобалната пандемија, економските активности на компаниите генерално се намалија или забавија. Ова наметна потребата и од дополнителна поддршка на македонската економија од страна на владините институции во насока на натамошниот развој и засилена улога на економската дипломатија. Во тој контекст, кон крајот на минатата 2020 година, Владата го усвои концептот за реорганизација на економската дипломатија, задолжувајќи го Министерството за надворешни работи, заедно со мрежата на Дипломатско-Конзуларни претставништва, да даде нова димензија на економската дипломатија. Оттука МНР стана носител на активностите за спроведување на овој владин приоритет. Тоа со себе повлече воспоставување на низа механизми за координација на вкупниот институционален потенцијал во функција на валоризација и промоција на македонските економски интереси во странство.
Улогата која му припадна на Министерството за надворешни работи во изборот на моделот на економска дипломатија во странство е согласно и законските надлежности, зашто тоа е носител на надворешната политика, каде економската дипломатија е нејзин составен дел. Праксата и во други земји покажува дека моделот со МНР како координатор на економската промоција во странство се покажал како најсоодветен, конзистентен и успешен. Предноста на МНР, меѓу другото, е што има континуиран и сеопфатен увид во билатералните односи и соработката со една земја, во целост. Ова не се должи само на распространета мрежа на ДКП-а и Почесни конзули во странство, како и активната соработката со дијаспората, туку и на фактот што МНР, преку својот Директорат за економска и јавна дипломатија, соработува на дневна основа со сите релевантни чинители во земјата во поглед на економските прашања, а во насока на штитење на македонските интереси во странство, вклучително и на економските. Оттука, треба да се подвлече дека соработката ги вклучува Кабинетот на Претседателот на државата, Канцеларијата на Претседателот на Владата, потоа економските ресори во Владата, поаѓајќи од Заменик претседателот на владата за економски прашања, министерствата за економија, за финансии, за транспорт, за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерството за екологија и просторно планирање, но и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Агенцијата за инвестиции и промоција на извозот, како и Дирекцијата за ТИРЗ, Дирекцијата за храна и ветеринарство, Царинската управа и др. Посебно внимание се посветува на негување отворена и редовна соработка со сите стопански комори, како и директно со домашните компании. Оваа мрежа е надополнета и со странските амбасади во Скопје, но и релевантни субјекти во други држави, вклучително и со нашите почесни конзули во странство. Овој сложен систем на институционална поврзаност, само покажува дека успешноста на концепт на економска дипломатија, во голема мера зависи од ефикасноста и успешност во координација на активностите заедно со сите овие институции и органи.
Пред да се пристапи кон реорганизирање на концептот на економска дипломатија беше извршена детална компаративна анализа на концептите на петнаесетина европски земји за економска промоција во странство што доведе до следните заклучоци:
– Економската дипломатија е важен составен дел на надворешната политика на секоја земја, чија цел е создавање услови за ефективна имплементација на економските интереси на земјата во странство во контекст на поголема интерконекција на националната со светската економија.
– Без разлика на моделот на економската дипломатија, речиси во сите анализирани земји, централното место го зазема Министерството за надворешни работи, чија улога е од круцијално значење, а кое соработува со останатите институции со економско портфолио. На пример, во Унгарија, самото Министерство е со назив Министерство за надворешни работи и трговија.
– Економските претставници во странство најчесто се дипломати од редот на вработените во МНР (Хрватска, Унгарија, Турција, Грција, Словенија, Албанија, Црна Гора, Бугарија, Полска и др.). Одредени земји (Турција, Бугарија, Чешка и Романија), покрај дипломати, во одделни ДКП-а, како економски претставници испраќаат и посебни експерти – со дипломатски статус, како резултат на високата ниво на економски односи и значајниот обем на трговска размена со земјата каде се упатуваат.
– Во најголем дел од земјите, актуелниот концепт на економска дипломатија повеќе пати е променет и дополнет, а имајќи ги предвид спецификите и потребите на земјата и глобалните економски токови.
Анализирајќи го претходниот модел кој се практикуваше во нашата држава, во споредба со моделите на останатите држави, но имајќи ги во предвид и сопствените искуства, беше неопходно да се извршат извесни промени во организационата поставеност на економската дипломатија. Како основа при дефинирање на нов, реформиран концепт на економска дипломатија беше оценето дека е потребно тој модел да кореспондира со потребите на нашата економија, но и со очекувањата на другите земји врз кои ќе биде ставен фокусот на економска промоција на нашата земја. Одлучено беше да се изберат економски профилирани кадри како „економски советници“, кои би се упатиле во оние земји каде има реални можности за зголемување на економската соработка, во земји со сериозен капацитет за инвестирање во странство, географски блиски земји, земји со потенцијал за привлекување туристи, земји каде ќе може да се зголеми пласманот на македонски производи и услуги итн. При изборот на кадар се предвидоа три категории на економски советници:
– Дипломати со изграден економски профил од МНР – првите четворица економски советници се веќе испратени во Полска со надлежност и за Чешка, Словачка и Унгарија (амбасадор Илија Псалтиров), во Германија, со надлежност и за Австрија (Абдиџемил Саити), во Турција (Сузана Тунева) и во Обединетите Арапски Емирати со надлежност и за Кувајт, Бахреин, Оман и Саудиска Арабија (Бекри Ајдини, кој е воедно и Национален комесар на македонскиот штанд на EXPO Dubai). Сите поминаа неколкумесечна подготовка која ги опфати сите релевантни институции и стопански комори, вклучително и посета на 15 општини и на бројни македонски компании. Ова се т.н. „пилот проекти“, кои во зависност од постигнатите резултати, би биле продолжувани и надоградувани.
– Втората категорија опфаќа искусни професионалци од редот на државни службеници од министерствата со економски профил. Во првиот бран, предвидено е испраќање на еден претставник во седиштето на ФАО во Рим од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (Лидија Попандонова), како и од Министерството за економија во Светската трговска организација, по што би следеле уште неколку други согласно потребите.
– Во следна фаза, доколку овој концепт заживее и донесе резултат, планирано е да има и трета категорија на економски советници кои би биле докажани експерти и луѓе со потврден кредибилитет од светот на бизнисот, стопанските комори, економската наука и сл.
Оценката дека не е можно со унифициран пристап да се освојуваат различни пазари ги постави основите на новиот концепт, кој што се базира на т.н. „Tailor-made approach“, со што македонската понуда треба да отскокне од другите понуди и да го привлече вниманието на земјите кои се првично таргетирани за реализирање на главните цели на економската дипломатија, а тоа се:
- привлекување странски инвестиции,
- зголемен пласман на македонски производи на странски пазари,
- промоција на туристичките потенцијали на земјата и привлекување на туристи,
- овозможување на инфраструктурно и енергетско поврзување на земјата со други земји, како предуслов за целокупно економско поврзување.
Во јавноста изминатиот период се појавија дилеми и недоумици, најмногу како резултат на непознавање на состојбите, околу тоа дали овој концепт не е ист како претходниот концепт со „економските промотори“. Овде неопходно е да се истакне, дека и покрај одредени критики кои беа насочени кон претходниот концепт, сепак истиот донесе одредени бенефити за македонската економија. Економските промотори, во основа беа насочени кон привлекување странски инвестиции и факт е дека во тој период се реализираа неколку успешни инвестиции како резултат на таа активност. Тие, иако функционираа во рамките на дипломатско-конзуларните претставништва, сепак во голема мера имаа независна активност, за која извештај даваа пред Агенцијата за инвестиции и промоција на извозот, што беше една од аномалиите на концептот. Разликата помеѓу претходниот и т.н. „нов концепт на економска дипломатија“ кој наместо економски промотори вклучува ангажман на економски советници е драстично поразличен. Имено, економските советници отчет за својата работа ќе даваат пред МНР, а преку него и до Владата и другите релевантни институции каде има потреба од тоа, а активностите ќе се оценуваат согласно посебна, веќе усвоена методологија. Потоа, првите испратени економски советници од МНР се дипломати со изразен економски профил и долгогодишно искуство во економската дипломатија. Нивната улога ќе биде далеку пообемна и со поширок дијапазон на активности, од онаа на економските промотори и ќе вклучува:
- Координација на економските активности во ДКП-то;
- Учества во организирање на посети од економски карактер на високи владини претставници на државата на прием;
- Промоција на националните економски интереси на земјата;
- Остварување средби со надлежните институции во земјата на приемот за прашања од економска дипломатија;
- Организирање економски промотивни настани;
- Координирање активностите за унапредување на економската договорна состојба;
- Организирање бизнис форуми;
- Остварување средби со компании со можност за поврзување и изнаоѓање партнери на македонските компании или потенцијални инвеститори во нашата земја;
- Учество на економски настани организирани од владини и невладини организации во земјата на приемот;
- Следење на билатералната економска соработка и учество на седници на мешовитите Меѓувладини комисии за економска трговска соработка, со земјите со кои истите функционираат;
– Иницирање и стимулирање соработка со локалните власти и поврзување со македонските единици на локална самоуправа во насока на користење на искуства во искористување на европските фондови (кај земјите од ЕУ), за меѓусебно иницирање на развојни проекти, добивање стручна и финансиска помош, каде тоа е можно, а сето тоа во насока на локален економски развој, како клучна алка во развојот на економијата на државно ниво;
– Ширење на мрежата на почесни конзули, како предуслов за успешно искористување на потенцијалите на земјите каде тие ќе ги промовираат македонските економски интереси;
– Давање предлози за унапредување на билатералната економска соработка итн.
Од ова може да се согледа огромната разлика помеѓу претходниот и актуелниот концепт, што ги отфрла сите дилеми за нивна истоветност.
Оттука и уверувањето, дека новиот концепт на економска дипломатија со испраќање економски советници во внимателно одбрани земји, ќе даде нова димензија во сегментот на соодветно и стручно покривање на економските аспекти од дипломатското претставување на нашата земја во странство. Македонската економија, а со тоа и главните носители на економскиот живот, а тоа се компаниите, несомнено заслужуваат да бидат поддржани во освојувањето на нови пазари, во привлекувањето нови туристи, и во креирањето услови за стабилност во водењето бизнис и создавање нови инвестиции. Економската дипломатија е само еден, но исклучително важен сегмент во поддршка на економскиот развој, кој што во корелација со другите домашни економски политики треба да придонесе нашата држава и пред сè нашите граѓани и фирми, да го достигнат европскиот стандард на живеење, по кој се мечтае во изминатите триесет години, од независноста, до денес.
Колумната е објавена во најновото издание на специјалната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ 2021.