Индексот на индустриско производство во македонската индустрија во мај годинава порасна за 16,5% во однос на истиот месец минатата година. Во однос на просекот од 2020 година индустриското производство во мај годинава било пониско за 6,6%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Ако се гледа индустриското производство за првите пет месеци, тоа е повисоко за 6% во споредба со првите пет месеци од 2020 година.
Гледано по секотори индустриското производство мај бележи пад во секторот рударство и вадење камен, од 12%, додека кај преработувачката индустрија има раст од 27,2%, а во секторот снабдување со електрична енергија има пад од 27,9%.
Во рамки на преработувачката индустрија, којашто во вкупното индустриско производство на државава учествува со близу 80%, најголем раст на производството има во индустрииите во кои се доминантни странските компании од зоните, но, опоравување бележат и текстилната индустрија, производството на метали и неметали, тутунската индустрија…
Кај производството на машини и уреди има најголем раст на индустриското производство во мај од дури 94,7%, кај производството на електрична опрема се бележи раст од 90,9%, во индустријата за хемиски производи, во која е вклучено производството на Џонсон Мети, најголемиот извозник од земјава, производство во мај е поголемо за 62% во споредба со ланскиот мај. Голем раст од 54% има и кај производството на моторни возила.
Производството на прехранбени производи, пак, коешто има удел од 10,3% во вкупното индустриско производство, во мај бележи пад од 2,2%, додека производството на фармацевтски производи е помало за 29,2%.
Производството на фабрикувани метални производи е поголемо за 43,8%, во споредба со лани, додека во индустријата за кожа и кожни производи производството во мај годинава е поголемо за 18,1% во споредба со ланскиот фавруари, додека во текстилната индустрија производството во мај годинава било поголемо за 23,4% во споредба со производството во мај 2020 година.