Во просториите на Стопанската комора на Македонија, претседателот Бранко Азески минатата недела оствари работна средба со почесниот конзул на Република Северна Македонија во Сирија, г. Мазен Хамур.
На состанокот беа дискутирани можностите за обновување на некогашната одлична соработка меѓу двете земји. Почесниот конзул, г. Хамур, посочи дека Владата на Сирија финансира проекти во насока на целосна обнова на државата, каде што би имало голема можност за ангажирање и на македонските компании.
Како земја која е на пат на целосна обнова, потребни се компании од различни сектори, како што се: градежниот сектор, каде што има потреба од градежни материјали, изградба на патишта, згради за домување и од целосна реконструкција на железницата; прехранбената индустрија, каде што има потреба од суровини и од готови производи; хемиската и фармацевтската индустрија; компании што се занимаваат со производство на медицински апарати и на медицинска опрема и други сектори, како што се: електрометалната и металопреработувачката индустрија, ИТ-секторот, туризмот и други.
Претседателот Азески истакна дека Стопанската комора на Македонија, во насока на помагање на домашните компании и на отворање нови можности за соработка со компании од нови пазари, ќе биде во комуникација со домашните компании, со цел поттикнување на соработката и реализација на проектни активности што би биле од полза и за двете страни.