Минатата 2020 година македонската економија за заврши со извоз од 5,77 милијарди евра, што е пад од 10,9% во споредба со пред-пандемиската 2019 година. Увозот, пак, минатата година се намали за 10,5%, на 7,6 милијарди евра, со што трговскиот дефицит достигна 1,8 милијарди евра, кој беше помал за 9,8% во споредба со претходната 2019 година.

Но, и покрај бројните проблеми и предизвици кои ги предизвика пандемијата, со сигурност може да се каже дека извозниците остануваат најздравото ткиво и столб на македонската економија.

Да се биде извозник е најголема потврда за успехот во работењето на една компанија. Ако продажбите на странски пазари, каде конкуренцијата е огромна, се најдобар параметар за вреднување на квалитетот на производите на една компанија, тогаш ова се компаниите кои се шампиони на македонската економија.

Најголемите 100 извозни компании рангирани во најновата едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ, ја завршија пандемиската 2020 година со вкупен извоз од 4,16 милијарди евра и вкупни приходи од 5,36 милијарди евра. Овие 100 најголеми извозни компании создаваат дури 72% од вкупниот извоз на стоки на државата остварен минатата година.

Рангирањето на 100-те најголеми извозници ја отсликува и реалната состојба во македонскиот извоз. Преголема концентрација на малку компании, на малку пазари и малку производи со повисока додадена вредност.

Најголемите 10 извозника создаваат 65% од вкупниот извоз на државата

Ако се анализира, пак, извозот на 10-те најголеми извозни компании,тие лани направиле вкупен извоз од 2,77 милијарди евра, што е 65% од вкупниот извоз на сите 100 најголеми ивозници или 48% од вкупниот извоз направен од македонија во изминатата година.


Од рангирањето може да се заклучи дека од првата десетка, најголем број или пет компании се од автомобилската индустрија, а три се од металопреработувачката индустрија. Осум компании од 10-те најголеми извозници се со странски капитал, а само две, Алкалоид и ИГМ Трејд се компании со домашен капитал.

Најголем и недостижен извозник во македонската економија и понатаму останува компанијата Џонсон Мети Македонија, компанија со британски капитал, која во двете фабрики во зоната ТИРЗ Скопје 1 произведува катализатори и апарати за прочистување на издувни гасови. Извозот на Џонсон Мети минатата година изнесувал 1,74 милијарди евра и има намалување во споредба со претходната година оd околу 8%. Џонсон Мети лани создал 30% од вкупниот извоз на државата или 41,6% од извозот на 100-те најголеми извозници. Или додека Џонсон Мети лани самиот направил извоз од 1,73 милијарди евра, извозот на сите преостанати 99 компании на листата за овој период изнесувал 2,4 милијарди евра, што е исклучително голема и опасна концентрација кај само една компанија. Истовремено, Џонсон Мети е и најголем увозник во земјава.

Втор најголем извозник е компанијата Кромберг и Шуберт Македонија, германската инвестиција која работи во битолската индустриската зона во Жабени и во која се произведуваат главно кабли и кабелски инсталации, кои се вградуваат во многу европски автомобилски гиганти. Извозот на Кромберг и Шуберт минатата година достигна 187,5 милиони евра. Со оглед дека најголемиот дел од работењето на оваа фабрика е поврзано со германската автомобилска индустрија, Кромберг и Шуберт е меѓу компаниите кои силно беа погодени од пандемијата и бележи пад на приходите и извозот од 19%.

Со извоз од околу 183 милиони евра, годишен раст од околу 10%, на третата позиција за едно место погоре се искачи Еуроникел Индустри или поранешниот Фени. Еуроникел Индустри веќе четврта година по ред успешно работи и произведува, со континуиран растечки тренд во производството и извозот.
“Веќе четири години интензивно работиме и инвестираме, а нашиот финален производ, висококвалитетен никел во форма на фероникел, кој го пласираме на европскиот, азискиот и американскиот пазар, придонесува кон градење стабилна меѓународна репутација на компанијата. Уште еден клучен фактор се нашите вработени, кои со соодветно образование и обука, но и со мотивација, овозможен кариерен напредок, вреднување на личниот учинок и иновативноста, создавање безбедна, стабилна и продуктивна работа средина, всушност се вистинските креатори на напредокот на Еуроникел Индустри. Ова се клучните елементи кои и покрај многуте турбуленции поради реконструкција на компанијата и нестабилниот пазар, ни овозможија резултати на кои сме горди”, вели Герасим Кујунџиев, прв генерален директор на Еуроникел Индустри.

Фармацевтската компанија “Алкалоид” е четврти најголем извозник во земјата, најголема извозна компанија со домашен капитал и единствена компанија од 10-те најголеми извозници која успева на странските пазари да продава готов производ со висока додадена вредност и со висок инпут на домашно знаење и ресурси. Минатата година Алкалоид ја заврши со консолидиран извоз од околу 128 милиони евра, што е 65% од вкупните продажби на компанијата.

Од Алкалоид” велат дека се соочиле со предизвици кои влијаеле на промени во поставеноста и реорганизацијата на значителен број на процеси и на промени на секојдневниот начин на функционирање, но брзината на адаптација на промените во условите за работење во контекст на  актуелните здравствени и економски глобални предизвици, кои се случуваат со особена динамика последниве години, е клучна за обезбедување на успех во работењето.

“Се посвети многу повеќе време на управувањето со ризиците, се превземаа бројни мерки со цел да се обезбеди одржливост и континуитет на процесите, дојде до забрзување на процесите на дигитализација на голем број сегменти од работењето итн. Накратко кажано, беше неопходно да се посветиме многу повеќе на оперативниот наспроти на стратешкиот менаџмент, со цел обезбедување на услови за брзо мониторирање на состојбите, влијанијата и резултатите од работењето и овозможување на носење одлуки во вистинска насока за продолжување на успешното работење. Како резултат на сето тоа, со задоволство можам да истакнам дека во годината на нашиот 85 годишен јубилеј очекуваме надминување на два големи таргети за нашата компанија. Имено, очекуваме во 2021 година да оствариме ниво на консолидирани нето продажби од околу 205 милиони евра и надминување на таргетот од 200 милиони евра, а сето тоа проследено и со надминување на нивото од 20 милиони евра нето консолидиран профит со што го продолжуваме деценискиот тренд на континуиран раст на компанијата. Секако годинава ќе ја обележат и растот на бројот на новите  вработувања, грижата за здравјето и стандардот на нашите вработени како и значително ниво на инвестиции во материјални и нематеријални средства”, вели Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид.

Белгискиот производител на автобуси Ван Хоол со пад на извозот од околу 30% се рангираше на петтото место со извоз од 118 милиони евра.

Од 10-те најголеми извозници, дури пет се од автомобилската индустрија, која беше силно погодена од пандемијата, но заради проблемите во синџирите на снабдување и недостатокот на чипови бележи намалено производство и годинава.

Шести најголем извозник е ИГМ Трејд од Кавадрци, производителот на челични цевки и профили, кој минатата година ја заврши со извоз од околу 91,7 милиони евра, годишен раст од 2%.

Александар Гечев, генерален директор на ИГМ Трејд вели дека пазарите за челик покажале силна издржливост во време на пандемија со исклучок на првичниот шок во периодот март – мај 2020 година.

“Прилагодувањето на челичната индустрија и поврзаните пазари, а овде посебно би ја истакнал автомобилската индустрија како највлијателна, резултираше со вртоглав раст на берзанските цени на челичните производи. Заради тоа, ние не се соочивме со проблеми од пазарен карактер, напротив работевме во идеални пазарни услови”, вели Гечев и потенцира дека очекуваат 2021 година да ја завршат со историски најдобри резултати, со продажба од над 300.000 тони финален производ и највисоки приходи од постоењето на компанијата.

Но, и покрај добрите резултати, Гечев вели дека поголемите инвестиции и развојот во Македонија се под притисок од протекционизмот во нашиот најголем трговски партнер ЕУ кон челичната индустрија. “Квотите за увоз на челик на ЕУ се продолжени дополнителни три години до 2024 година. Се додека не станеме полноправна членка или добиеме поповолен третман како трговски партнер останува опасноста од ограничување на нашиот извоз во ЕУ, пренасочувајќи ги инвестиции на нашата компанија во Словенија и во Бугарија наместо во Македонија”, вели тој.

На седмата позиција е уште една странска компанија од индустријата за автомобилски делови, тоа е Амфенол Технолоџи од Кочани со вкупни приходи од 89,5 милиони за минатата 2020 година, годишен раст од околу 6%.

Осми најголем извозник е компанијата Либерти или поранешен Арчелор Митал ЦРМ, со извоз од 87,5 милиони евра, што е благ раст во однос на 2019 година.

Скок од две места нагоре бележи и компанијата Маркарт, компанија со германски капитал за производство на автомобилски делови, која со извоз од 75,8 милиони евра, годишен пад од 7%, се рангира како деветти најголем извозник.

Рудникот за олово и цинк САСА е рангирана на 10-те место, со извоз од 73,7 милиони евра. САСА бележи пад од две места подолу заради намалениот извоз од околу 17,8%.