Извозот на храна најотпорен на пандемијата на Ковид 19, покажуваат податоците од најновото рангирање во едицијата ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ.

Македонскиот прехранбен сектор, во кој доминираат компании со мнозински домашен капитал, е еден од секторите кои беше најмалку погоден во пандемијата, дури одредени сектори имаа и раст на извозот. Зголемувањето на цените на суровините и амбалажата, повисоките трошоци за транспорт влијаеа врз работењето на повеќето прехранбени извозни компании, но и покрај тоа голем дел од нив успеаа да ги задржат позитивните трендови во бизнисот и во продажбите дома и во странство, што по кој знае кој пат ја потврдува нивната жилавост и способност да се прилагодат на неочекувани околности. Но, нарушените синџири на снабдување и високиот раст на цените на суровините, трошоците за производство и транспорт силно ја загрозува нивната профитабилност.


Производството на храна се покажа како исклучително важно за нормално функционирање во време на криза. Македонскиот прехранбен сектор, во кој доминираат компании со мнозински домашен капитал, е еден од секторите кои беше најмалку погоден во пандемијата, дури одредени сектори имаа и раст на извозот. Зголемувањето на цените на суровините и амбалажата, повисоките трошоци за транспорт влијаеа врз работењето на повеќето прехранбени извозни компании, но и покрај тоа голем дел од нив успеаа да ги задржат позитивните трендови во бизнисот и во продажбите дома и во странство, што по кој знае кој пат ја потврдува нивната жилавост и способност да се прилагодат на неочекувани околности.

Пандемијата на корона вирусот создаде многу пречки, но отвори и нови можности за македонската прехранбена индустрија. Истражувањата на пазарот покажуваат зголемен фокус на потрошувачите за влијанието на храната врз нивниот имунитет, кон здравата храна, поголема безбедност и хигиена на храната… Се зголеми побарувачката за свежо и замрзнато овошје и зеленчук, преработки од овошје и зеленчук, здрава и органска храна, храна која влијае врз подобрување на имунитетот…Тоа, пак, подразбира поголеми инвестиции во нова технологии и развој и во иновации за да се следат трендовите.

Кои се најголемите извозници на храна?

И покрај големите нарушувањата во трговијата и секојдневното работење кои ги предизвика пандемијата со Ковид 19, производството храната е еден од секторите кои беа најмалку погодени.
Тоа го покажува и статистиката за трговијата со странство на македонските компании за изминатата година.

Македонските производители на храна изминатата 2020 година во странство продале производи во вредност од 363,2 милиони евра, што е намалување за 1,1% или за 4 милиони евра во споредба со извозот остварен во претходната 2019 година.
Ако се анализира подетално, податоците покажуваат дека некои сектори во производството на храна имале раст на продажбите во изминатата година, како на пример, свежото овошје и зелечук, преработките од зеленчук и овошје, кафето, чајот и зачините.


Дури половина од вкупниот извоз на храна направен минатата година отпаѓа на извозот на зеленчук и овошје, кој достигна близу 184 милиони евра, кој е поголем за 4,92% во споредба со 2019 година. Ова е најголем извоз на овошје и зеленчук во последните 15 години, а во оваа сума влегува и извозот на преработки од овошје и зеленчук.
Податоците покажуваат дека токму преработките од зеленчук и овошје имале најголем раст на извозот минатата година. Извозот на преработки од овошје и зеленчук минатата година достигна 62,2 милиони евра, што е за 16,8% или за близу 9 милиони евра повеќе од претходната година. Во оваа група влегува извозот на ајвар и разни други зимници, конзервиран зеленчук, компоти и мармелади од овошје…

На годинешната листа ТОП 100 Извозници има 18 компании од прехранбената индустрија, две повеќе од минатата година, и тие се најбројни на листа најголеми извозници. Сите 18 прехранбени компании направиле вкупен извоз од околу 147 милиони евра или околу 40% од вкупниот извоз на храна во 2020 година.
Од нив, осум компании извезуваат овошје, зеленчук и преработки, индустрија која се покажа како една од најбрзорастечките извозни индустрии. Седум компании се од кондиторската индустрија, која се покажа како исклучително витална, жилава и пропулзивна извозна индустрија, која успева да изгради респектабилни извозни брендови и добро да се етаблира на пазарите во регионот, но и на многу пазари низ Европа и светот.

Најголем извозник на прехранбени производи веќе неколку години по ред е домашната кондиторска фабрика Макпрорес од Виница. Извозот на Макпрогрес за минатата 2020 година изнесуваше околу 18,6 милиони евра со што компанијата е рангирана како 31 најголема извозна компанија во земјава. Извозот бележи пад од 5,2%. Станува збор за компанија која од мал семеен бизнис основан пред 30 години, успеа да прерасне во една од една од најуспешните домашни извозни компани со продажби во околу 55 земји.

Втора најголема извозна компанија од прехранбениот сектор е домашната компанија Витаминка од Прилеп, една од најголемите и најсупешни прехранбени компании во земјава и регионот, која минатата 2020 година година ја заврши со извоз вреден 14,7 милиони евра, годишен пад од 9,9%. Витаминка е најголема прехранбена компанија според вкупните приходи кои лани достигнаа 41,7 милиони евра, а 37-ма најголема извозна компанија.

Трет најголем извозник од прехранбената индустрија е производителот на сладолед Цермат од Битола, која со извоз вреден близу 10 милиони евра. Цермат има најголем раст на извозот минатата година од дури 87,8%, заради што се искачи на 54 место (од 95 минатата година) на листата најголеми извозници.

Четврт најголем извозник од прехранбената индустрија е Пекабеско, производителот на сувомеснати производи, која минатата година ја заврши со извоз од 9,9 милиони евра, годишен пад од 8,17%, со што е рангирана на 55 место на листата 10 најголеми извозници. Пекабеско е една од ретките домашни успешни бизнис приказни, која од своите почетоци како трговска фирма застапник на српски бренд, успеа да изгради производни погони и да стане еден од најголемите производители и извозници на месни преработки на домашниот пазар и во регионот.

Како петти најголем извозник на храна годинава како нов играч е рангирана компанија Пего Агрофруит од Валандово со извоз од 9,6 милиони евра. Пего Агрофруит е инаку единствена мала фирма рангирана на листата 100 најголеми извозници. Станува збор за извозник на свежо овошје и зеленчук, која најголем дел од производите ги пласира на рускиот пазар, благодарение на добрите локални врски и влез во руските трговски маркети.

Раст на вредноста на извозот од 18,7% лани има компанијата Баџо од Гевгелија, чиј извоз на овошје и зеленчук достигна 7,6 милиони евра, со што се искачи на 69 место (од 83 лани). Бим Фоод од Прилеп чиј извоз порасна за 20,7%, на 5,5 милиони евра, и кои извезуваат сушени печурки, зеленчук, овошје, се искачи на 78 (од 94 лани).
Годинава има три нови компании од индустријата за преработки на овошје и зеленчук кои влегоа на листата Топ 100 Извозници, тоа се Тргопродукт, проиводителот на Мамас, Дим Комерц од Валандово и Вори од Гевгелија.

На листата најголеми извозници на храна годинава се рангирани и кондиторските компании Свисслион, Виталиа, Европа, Мултипром, производителот на масло за јадење Ал-Макс, извозникот на зеленчук и овошје Сафир Промет, како и компанијата Макс од Струмица.

Но, самиот факт што на листата најголеми извозници на храна само 2 компании имаат извоз поголем од 10 милиони евра, покажува дека станува збор за релативно мали компании, кои би можеле многу повеќе да извезуваат доколку би имале стабилни и поволни услови за водење бизнис дома, ако не плаќаат далеку повисоки царини за увоз на суровини во споредба со нивните конкуренти, како и поголема поддршка за стандардизација, маркетинг, настап во странски пазари и вклучување во големите синџири на снабдување. Нешта што компаниите со кои се конкурираат веќе ги имаат.

Растот на трошоците најголема грижа на македонските извозници на храна

Најголема грижа за менаџерите на извозните компании од прехранбената индустрија создаваа растот на цените на суровините и другите трошоци. Поскапуваат суровините, транспортот, амбалажата, трошоците за вработени, а од друга страна компаниите се под притисок да вложуваат во иновации и промени со цел да ги задоволат новите барања на потрошувачите за поздрави производи, повисоките хигиенски норми…Тоа ја намалува профитабилноста на компаниите и ги става под притисок да ги зголемат цените на производите.
Некои веќе одлучија да пренесат дел од растот на трошоците врз купувачите и да ги зголемат цените.

Глигор Цветанов, извршен директор на Макпрогрес од Виница, најголемиот извозник од прехранбената индустрија, вели дека изминатата 2020 година резултатите во извозот беа со мал процент намалени во однос на претходните години. “Рестрикциите во патувањата и затворањата влијаеа многу во извозното работење, земајки во предвид неможноста за директна комуникација со клиентите”, вели Цветанов.
“Очекуваме и оваа година да заврши со такво темпо. Продолжува нестабилноста во поглед на здравствената криза како и нарушените ланци на снабдување. Најголеми предизвици се превенцијата од заразата на вработените и испраќање на препорака до сите вработени да се заштитат односно да се вакцинираат”.
Според него, прогнозите за следен период, во поглед на можноста за континуирано работење без застои, како и профитабилно работење, не се добри”, вели Цветанов.

“Нарушените ланци на снабдување, сушните периоди, високите цени на траспортот, високите цени на енергенсите и амбалажите се причина за енормно зголемените трошоци за работење на компаниите од прехрамбената индустрија. Неминовно е продажните цени да ги следат импутите и цените на храната да растат во следниот период. Кој колку ќе успее да ги прилагоди цените ќе одреди како ќе се справи со можноста за профитабилно одржливо работење”, вели Цветанов.


Според Љупчо Велески, менаџер за извоз во Витаминка тие околности се уште не се елиминирани, но многу деловни процеси се веќе стабилизирани.

Производството и трговијата со прехранбени прозиводи, за разлика од други деловни сектори, не беше толку силно погодена од пандемијата во смисла на побарувачката и функционирањето на каналите на снабдување, туку неповолното влијание најмногу се чувствува во драматичниот раст цените на клучни суровини, амбалажа и транспорт, објаснува Велески. Според него, драстичното зголемување на цените на клучните суровини, како и растот на цените на транспортот има директни последици врз профитабилноста на компанијата и резултира со неопходност за корекции на продажните цени, за колку-толку тие негативни влијанија да се амортизираат. Високата продуктивност и добрата организација на работењето, како и јачината на брендовите во голема мерка им помагаат во овие околности, но не може целосно да ги елиминираат.

Според него, последиците од пандемијата ќе останат на подолг период. Во таа констелација, наши најголеми предизвици се да го сочуваме и зголемиме станадардот на нашите вработени и акционерите, потоа, да ги зачуваме и унапредиме пазарните позиции на нашите брендови ширум светот каде ги пласираме и да продолжиме со инвестиционите активности. Доколку нема непредвидливи ситуации, со голема сигурност овие цели ќе ги оствариме”, вели Велески.

Од Витаминка очекуваат раст на извозот во 2021 година, и тоа дисперзиран речиси на сите странските пазари каде перманантно ги пласираат своите производи.

Од производителот на сувомеснати производи Пекабеско велат дека минатата година имале пад на производството и приходите од продажба од извоз, но годинава има подобрување.
“Во првите месеци од 2021 година имаше закрепнување, додека во изминативе 4 месеци има засилен раст и на производството и на извозот на историски највисоки нивоа за нашата компанија , заради што капацитетите ни се ближат до максимум. Очекувањата за годинава ни се позитивни”, вели Анатол Кутрески, втор извршен директор во Пекабеско.
Тој потврдува дека се соочуваат со проблеми поврзани со испораката и достапноста на суровини и репроматеријали. “Најверојатно силните фискални и монетарни стимулации од страна на најголемите држави во светот, комбинирано со отворањето на економиите во последниве месеци креираа засилена побарувачка, што придонесе за недостаток на суровини, долги рокови на испорака како и раст на цените. До сега успешно менаџираме, иако има големи предизвици во набавката. Очекуваме со намалување на фискалните стимулации во целиот свет тој бран да спласне и да дојде до нормализирање на цените, иако во моментов нема индикации дека такво нешто се случува сеуште цените на многу суровини и репроматеријали се на највисоки историски нивоа”, објаснува Кутрески.

Како еден од посериозните проблеми со кој се соочуваат во работењето, Кутрески го истакнува и недостигот на работна сила, кој е силно изразен во последните неколку месеци. Според него, не е далеку денот кога македонското стопанство и официјално ќе побара да се дозволи увоз на работна сила.  

Горан Микаровски, менаџер за извоз во производителот на сладолед, Цермат од Битола вели дека пандемијата ја ограничила куповната моќ, но фактот што најголем дел од производството им е насочено кон извоз им помогнало годината да ја завршат со добар финансиски резултат.

Го немавме планираниот раст, но стабилните односи и веќе склучените договори за извоз во Запдна Европа значително помогнаа на крајот од годината да имаме позитивни резултати. И можам да кажам дека тоа беше голем труд и успех кој компанијата успеа да го обезбеди и менаџира во период на светска криза. Судејќи според плановите и текот на работите, очекувам позитивните резултати да се задржат, а и да се подобрат до крајот на 2021 година. Конкретно очекувам вкупен пораст од 10% на годишно ниво, вели Микаровски.

И тој потврдува дека најголем предизвик во моментот е растот на цените на суровините и другите трошоци за производство.“Цените на суровините и електричната енергија континуирано растат и не знаеме во кој момент ќе го достигнат својот максимум. Во овој момент ние мора да изработиме конечни понуди за производите кои ќе се продаваат наредната сезона, а незнаењето на овие суми и параметри доста го отежнуваат планирањето и естимацијата на ниво на компанија. Транспортот е исто така клучен во нашето работење. Се соочуваме со сериозен предизвик во пронаоѓањето на партнери за соработка со кои добро ценовно би се договориле. Самото тоа што имаме континуиран и брз раст во извозот доведува до потребата од нови партнери-превозници”, објаснува Микаровски.