Од денеска до 24 ноември во Белград ќе се одржи третиот по ред настан Винска Визија Отворен Балкан (Wine Vision by Open Balkan), најголемиот собир на вљубеници и професионалци од светот на виното, ракијата и другите жестоки пијалаци, како и гастрономијата.
Овој уникатен настан, кој и оваа година ќе се одржи на Белградскиот саем, собира на едно место производители, експерти и ентузијасти од целиот регион, славејќи го богатото наследство и поврзувајќи ги производителите, дистрибутерите и професионалните купувачи во бизнисот.
Најголем број на дистрибутери и професионални купувачи доаѓаат од Обединетото Кралство, САД, Кина, Австрија, Швајцарија, Русија и БиХ, како и значителен број од африканските земји, Австралија и Бразил.
Македонските вина најмнигу се извезуваат во регионот, односно од вкупниот извоз од 57,7 милиони евра, дури 42 милиони евра се во земјите од регионот.
На годинешната Винска визија ќе учествуваат дури 80 македонски винарии и дестилерии, 6 изложувачи на храна и ресторан со 3 готвачи. Во склоп на настанот кој што се одржува овие неколку дена ќе се одржи и македонска вечер на која што ќе присуствуваат високи делегати и владини претставници од други држави.
Македонија е втор најголем извозник и производител на вино после Грција
Во текот на 2023 година македонските винарии извезле вино во вредност од 57,7 милиони евра, незначителен раст од 0,4% во споредба со изминатата 2022 година, но сепак највисок во последните 15 години.
Количински извозот на вино лани бил намален за 18%. Но, ако се анализираат податоците во последните 15 години, извезените количини на вино лани се најмали во последните 20 години.
Традиционално најголем пазар е Србија, каде лани се извезло вино во вредност од 23 милиони евра, што е раст од 14,7%. Втор најголем извозен пазар е Германија каде лани се извезло вино во вредност од 7,5 милиони евра, што е пад од 10,5%. Следат Хрватска и Босна и Херцеговина со извоз од 6,6 милиони евра, односно 5,2 милиони евра.
Ако се анализираат најголемите 20 извозни пазари, најголем раст на извозот на вино е остварен во Австрија, каде лани било извезено вино во вредност од 2,3 милиони евра, раст од 150% во однос на 2022 година. Најголем пад, пак на извозот на вино лани имало во Бугарија, каде лани било извезено вино во вредност од 1,4 милиони евра, што е пад од 50% во споредба со извозот од 2022 година.
Македонското вино лани се извезувало во 40 земји. Но, најголем дел од извозот или дури 98% се прави на 20 извозни пазари, додека на останатите се извезува многу помалку вино.
Највисока просечна извозна цена македонското вино лани постигнало во Данска, Швајцарија, САД, Косово и Холандија, додека најниска извозна цена во Австрија, Германија, Канада, Словенија и Полска.
Македонија е 22. најголем производител и 29. извозник на вино во светот
Виното е еден од ретките извозни производи со кои Македонија како извозник котира повисоко на светските извозни ранг листи.
Во регионот, пак, Македонија е еден од лидерите и според вредноста на извезеното вино, но и според производството на вино. Според остварениот девизен прилив од извозот на вино, Македонија се рангира втора во регионот после Грција, која лани била 25-ти најголем извозник во светот со извоз на вино вреден 104 милиони долари.
И според производство на вино, Македонија е втора во регионот зад Грција, која лани произвела 2,1 милион хектолитри вино и е рангирана како 19-ти најголем производител на вино во светот.
Македонската винска индустрија е една од ретките нето извозни индустрии во земјава, бидејќи и суровините кои ги користи за производство се речиси во целост домашни.
Според нето извозот кој Македонија го остварила во трговијата со вино со странство минатата 2022 година во висина од 58,9 милиони долари, земјата е на 13 место. Според овој показател Македонија е лидер во регионот. (Нето извозот ја претставува разликата помеѓу извозот и увозот на вино). Зад Македонија е Грција која лани имала нето извозен прилив од 31 милиони долари.
Но, за жал, македонските вина се продаваат најевтино од целиот регион. Просечната цена дури во 2023 година надминала 1 долар за литар, додека претходните 20 години се продавале за помалу од 1 долар.
За споредба вината од Словенија лани се продавале по просечна чена од над 5 долари, додека пред 20-тина години се извезувале по цена од околу 1 долар за литар.