Во текот на изминатата 2022 година македонските винарии извезле вино во вредност од 60,2 милиони долари, што е раст од 4,3% во споредба со претходната 2021 година.

Според вредноста на извозот на вино во 2022 година Македонија, според Worldtopexport, се рангира како 29-ти најголем извозник во светот.

Виното е еден од ретките извозни производи со кои Македонија како извозник котира повисоко на светските извозни ранг листи.

Според производството на вино, пак, Македонија се рангира на 22 место во светот со прозиведени 936 илјади хектолитри, покажуваат податоците на Меѓународната организација на вино (OIV)

Во регионот, пак, Македонија е еден од лидерите и според вредноста на извезеното вино, но и според производството на вино. Според остварениот девизен прилив од извозот на вино, Македонија се рангира втора во регионот после Грција, која лани била 25-ти најголем извозник во светот со извоз на вино вреден 104 милиони долари.

И според производство на вино, Македонија е втора во регионот зад Грција, која лани произвела 2,1 милион хектолитри вино и е рангирана како 19-ти најголем производител на вино во светот.

Македонската винска индустрија е една од ретките нето извозни индустрии во земјава, бидејќи и суровините кои ги користи за производство се речиси во целост домашни. 

Според нето извозот кој Македонија го остварила во трговијата со вино со странство минатата 2022 година во висина од 58,9 милиони долари, земјата е на 13 место. Според овој показател Македонија е лидер во регионот. (Нето извозот ја претставува разликата помеѓу извозот и увозот на вино). Зад Македоија е Грција која лани имала нето извозен прилив од 31 милиони долари.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека македонските вина најмногу се извезуваат во земјите од регионот, но во последните неколку години има успешни обиди за извоз на вино и во други земји во Западна Европа и во Кина.

Најголем извоз на вино традиционално веќе со години наназад имаме во Србија. Минатата 2022 година во Србија биле продадени македонски вина во вредност од 21,1 милиони долари. Втор најголем извозен пазар за македонските вина е Германија, каде традиционално се извезува најмногу наливно вино. Во Германија лани било извезено вино во вредност од 8,8 милиони долари.
Следат Хрватска со извоз од 8 милиони долари минатата година, БиХ со извоз вреден 4,8 милиони долари , Бугарија со извоз од 4,9 милиони долари, Словенија со извоз од 2,6 милиони долари, Словачка со извоз од 1,7 милиони долари, Косово со извоз од 1,5 милиони долари, Црна Гора со извоз од 1,4 милиони долари и Полска со извоз од 1 милион долари.

Македонските вина лани се извезувале на 37 пазари низ целиот свет.
Кина лани била 12-ти најголем извозен пазар за македонските вина со извоз од над 775 илјади евра.

Лани на десет пазари имало извоз на македонски вина поголем од 1 милион долари и на овие пазари е реализиран скоро 90% од вкупниот извоз на вина.

Според податоците од Асоцијацијата Wines of Macedonia над 85% од вкупно произведеното вино се, а 15 % се продава на домашниот пазар. Околу 50% од произведените македонски вина се извезуваат во шишиња, додека останатото се продава на странските пазари како наливно вино. Најголеми извозни пазари за флаширано вино се земјите од регионот, додека најголем дел од наливното вино се извезува во Германија.

Винската индустрија во Македонија е високо фрагментирана и во неа работат  околу 250 регистрирани винарии, од кои над 90% се со капацитет помал од 5 милиони литри, а само четири се поголеми винарии со капацитет помеѓу 15 и 50 милиони литри. Најголема винарија и најголем извозник на вино од земјава е Тиквеш од Кавадарци.