Регистрациите на европски автомобили опаднаа во јануари, покажуваат податоците на индустријата во средата, бидејќи мерките за ограничување на вториот бран коронавирус ја погодија продажбата на најголемите пазари во регионот.

Регистрациите на нови автомобили се намалиле за 25,7% на годишно ниво, на 842.835 возила во Европската унија, Велика Британија и земјите од Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), покажуваат бројките на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).

Сите пет најголеми пазари во Европа забележаа пад. Регистрациите во Шпанија забележаа најголем пад од 51,5%. Продажбата во Германија, Велика Британија и Италија падна за 31,1%, 39,5% и 14%, соодветно. Франција забележа помал пад од 5,8% во месецот.

Шведска беше единствената земја на ЕУ каде продажбата беше позитивна, се зголеми за 22,5%, заради ниските бројки за регистрација во јануари минатата година, како резултат на зголемувањето на данокот на возило.
Продажбата на Volkswagen и Stellantis опадна за 28,1% и 27,4%, додека Renault објави пад од 22,9%.

Луксузните производители на автомобили исто така забележаа загуби во јануари со пад на продажбата на BMW од 16,8%, додека Daimler објави пад од 17,9%.

Извор: Reuters