Извозот на лекови и фармацевтски производи од Македонија минатата 2019 година достигна 93,7 милиони евра, што е годишен раст за 6%.

Но, извозот на лекови и фармацевтски производи бележи континуиран раст во изминатите години. Статистичките податоци покажуваат дека извозот на лекови во изминатите 5 додини е зголемен за дури 47%. Или во споредба со 2015 година извозот на лекови и фармацевтски производи лани бил поголем за над 30 милиони евра.

Најголем извозник на лекови во Македонија е компанијата Алкалоид, чиј консолидиран извоз на лекови и други производи (продажби на централата во Скопје и сите подружници) секоја година бележи раст, а во 2019 година достигна 117 милиони евра, со што е 5-ти најголем извозник во државата. 

Ако се анализира извозот на лекови според пазарите на кои најмногу се продаваат, статистиката покажува дека најголем извозен пазар е Србија, каде во 2019 година се извезени лекови во вредност од над 21,5 милион евра. Втор најголем пазар е Русија каде со извезени лекови во вредност од над 14,3 милиони евра, а трет најголем пазар со извоз од над 12,7 милиони евра е Босна и Херцеговина.

Сепак, и покрај растот на извозот, Македонија е нето увозник на лекови и фармацевтски производи. Статистиката покажува дека увозот на лекови минатата година достигнал 186,2 милиони евра и во изминатите пет години бележи раст за 41%.