Шест македонски компании учествуваат на годинешниот саем ISM Cologne, кој по две годишна пауза, годинава се одржува од 30 јануари до 5 февруари во германскиот град Келн.

Витаминка од Прилеп, Макпрогрес од Виница, Лион од Свети Николе, Макпромет од Штип, Виталиа од Скопје и Макс од Струмица се компаниите кои годинава ги изложуваат своите производи на саемот ISM, кој важи за водечки и најзначаен во областа на кондиторската индустрија.

Станува збор за саем од големо меѓународно значење на кој годинава изложуваат над 1.085 изложувачи од 56 земји.

Овој водечки светски саем за кондиторски производи и закуски секоја година нуди инспирација и иновации, информации за новите трендови во индустријата, можности за нови зделки и вмрежување, излагачи од врвна класа и компетентни посетители.

На годинешниот саем најголем број на странски излагачи се од Белгија, Бугарија, Франција, Грција, Италија, Холандија, Полска, Шпанија, Турција и САД.

Годинешниот саемот ќе има хибриден концепт, кој предвидува физичко изложување на лице место во Келн, кое ќе биде дополнително зајакнато со дигиталниот формат, ISM & ProSweets @home.

На годинешното издание на ISM, кој се одржува по 51 пат на површина од 90.000 метри 2, фокусот ќе биде ставен на производи кои поддржуваат здрав начин на живот, растителна храна со автентичен вкус и минималистичка листа на состојки, производи со намалена содржина на шеќер…
Новите производи од оваа година го покажуваат следново: Природноста и здравјето се два од трендовите кои стануваат сè поодлучувачки за купувачите. Трендот кон производи со дополнителни здравствени придобивки исто така добива вистински поттик.

За оние компании кои сакаат да најдат нови купувачи и пазари ова е местото на кое мора да бидат присутни, бидејќи на саемот се присутни сите најголеми трговски ланци, како Ahold, Aldi, Carrefour, Costco, Edeca, El Corte Ingles, Kroger, Metro, Target, Tesco, Walmart, Walgreens и уште многу други.


Саемот го посетуваат над 38 илјади посетители од 140 земји, од кои над 73% се на одлучувачки позиции, а над 40% се од трговијата на големо.