Германското индустриско производство во абгуст го претрпе својот најголем пад од април минатата година, поради прекини во синџирот на снабдување што го спречуваат растот во најголемата европска економија и особено силно го погодија автомобилскиот сектор, покажаа официјалните податоци во четвртокот.
Федералната канцеларија за статистика соопшти дека индустриското производство во Германија паднало за 4,0% во месец август по порастот од 1,3% во јули.
На годишно ниво, индустриското производство се зголеми за 1,7%, откако беше зголемено за 6,0% во јули.
„Производителите продолжуваат да пријавуваат ограничувања во производството поради недостаток на снабдување со репроматеријали“, се вели во соопштението на Канцеларијата.
Производството на автомобили и делови за автомобили опадна за 17,5% во месец август.
Германските автомобилски компании се борат да го исполнат пост-пандемискиот пораст на побарувачката од почетокот на годината, поради недостаток на микрочипови и други производи.
Производителот на автомобили БМВ соопшти дека испораките на групацијата се намалени за 12,2% во третиот квартал, погодени од кризата со недостиг на чиопви.
Производителот на камиони Daimler соопшти дека очекува глобалниот недостаток на чипови да продолжи да влијае на производството и следната година.
„Дефинитивно ќе испорачаме помалку отколку што можевме да продадеме, а тоа важи и за следната година“, сопшти првиот човек на компанијата, Мартин Даум, додавајќи дека е невозможно да се каже колку големи ќе бидат загубите.
„Тоа е борба за секој чип“, додаде тој.
Официјалните податоци објавени во средата покажаа дека германските индустриски нарачки паднаа повеќе од очекуваното во август, поради послабата побарувачка од странство, по двомесечниот невообичаено силен раст.
Сепак, економскиот институт Ifo со седиште во Минхен посебно изјави дека истражувањето на очекувањата за производството се зголемило во септември.
„Книгите за нарачки се уште се полни, само тесните грла на материјалите предизвикуваат проблеми во моментов и донекаде ги намалуваат плановите за производство“, рече економистот од Ифо, Клаус Волрабе.
Томас Гицел, економист во VP банка, рече дека „ако протокот на материјали повторно започне, тогаш се создадени услови за силен напредок во индустриската активност“.
Карстен Бржески, во ИНГ, рече дека засега изгледа дека тој пресврт „ќе дојде прилично подоцна отколку порано“.
Многу аналитичари предупредуваат дека проблемите во снабдувањето, високите цени на енергијата и прекините на производството создаваат токсична подготовка за стагфлација.
>> ПОВРЗАНИ ВЕСТИ <<