Растот на македонската економија годинава ќе биде 4,6 проценти, а инфлацијата 2,4 отсто, со тенденција да се стабилизира, покажува најновиот Извештај на Светска банка.

„И покрај економското закрепнување се уште постојат ризици, пред се поради бавното темпо на вакцинација во земјата“, беше речено на денешната онлајн презентација на извештајот.

„Проекцијата за раст е 4,6 проценти во 2021 година, многу повисока од пролетните проекции. Овие позитивни изгледи и понатаму се опкружени со надолни ризици како резултат на бавното темпо на имунизација и сè уште нарушените синџири на снабдување, како и со тоа што условите за финансирање почнаа да се затегнуваат“, рече директорот на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи.

Според него, економиите на сите земји во Западен Балкан, освен на Црна Гора, до крајот на година ќе се вратат на ниво пред пандемијата.
Регионот на Западен Балкан се опоравува по рецесијата во 2020 година предизвикана од КОВИД-19 благодарејќи на побрзо од очекуваното закрепнување во 2021 година, се вели во најновото издание на Редовниот економски извештај за Западен Балкан Зелено закрепнување.

Изгледите во регионот значително се подобрија при што растот на БДП во 2021 година се предвидува дека ќе достигне 5,9 проценти, по падот од 3,1 проценти во 2020 година. Во 2022 година растот во регионот се предвидува да биде 4,1 проценти, додека во 2023 година се очекува да изнесува 3,8 проценти.

Стапката на сиромаштија во регионот се предвидува да продолжи со надолниот тренд започнат пред пандемијата и да се намали за околу 1 процентен поен на 20,3 проценти, блиску до нивото од 2019 година.

Закрепнувањето во регионот е резултат на зајакнувањето на домашната и на надворешната побарувачка. Силното зголемување на домашната потрошувачка и на патувањата низ Европа помогнаа да се зајакнат дознаките, како и приливот на туристи во екот на летната сезона. Силното закрепнување во напредните економии обезбеди и поттик на побарувачката за извозот од регионот.

За Северна Македонија ова се пресликува во проекција за раст од 4,6 проценти во 2021 година, многу повисока од пролетните проекции. „Овие позитивни изгледи и понатаму се опкружени со надолни ризици како резултат на бавното темпо на имунизација и сè уште нарушените синџири на снабдување, како и со тоа што условите за финансирање почнаа да се затегнуваат,“ вели Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и  Косово.

Меѓутоа, закрепнувањето и понатаму е кревко. Раните знаци за предупредување кои доаѓаат од пазарот на трудот бараат повеќе внимание. Загубата на работни места од рецесијата и периодот што следуваше по неа, непропорционално ги погоди жените и младите, што може и да ги врати назад напорите на регионот за зголемување на долгорочно ниските стапки на учество во работната сила. Невработеноста на младите се зголеми на 37,7 проценти во 2021 година, што е 5,4 процентни поени повеќе од јуни 2020 година, со што уште повеќе се влошија перспективите за вработување на младите.

„Како што земјите на Западен Балкан ќе се соочуваат со постпандемиската иднина, нивниот пристап кон политиките треба да биде фокусиран кон справување со клучните пречки за создавање на работни места и економска трансформација, вклучувајќи ја и зелената транзиција,“ вели Линда Ван Гелдер, регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан. „Сите шест земји би имале корист од реформите на деловното опкружување, управувањето и дигитализацијата, што би можеле да придонесат за растот и за затворање на јазот со земјите на ЕУ.“

Во извештајот се разгледуваат и макрофискалните предизвици и двигателите за зелен раст во регионот. Земјите од Западен Балкан сега се наоѓаат во еден клучен одлучувачки момент во однос на неизбежната зелена транзиција.

Поместувањата во однос на климатските промени на светско ниво предизвикуваат фундаментални промени во општеството. Се менуваат желбите на потрошувачите и на инвеститорите, зелените технологии и новите бизнис модели ги менуваат сè повеќе пазарите, а зелените политики го менуваат целиот економски пејзаж. Во тој контекст, зазеленувањето на економијата за земјите станува одлучувачки фактор за меѓународната конкурентност и способноста за привлекување на меѓународни финансии и инвестиции.

Така, и земјите од Западен Балкан не се исклучок, и покрај тоа што и понатаму се карактеризираат со модел на развој наклонет кон познатите „кафеави“ индустрии, додека преминот кон зелената патека е далеку од лесен, особено на краток рок. Сепак, зелената транзиција нуди исклучителни можности за регионот на Западен Балкан, вклучувајќи поголема интеграција во евроцентричните глобални синџири на вредност, како и пристап кон значителни ресурси од Европската Унија со кои ќе се помогне финансирањето на зелената транзиција.

Ефективното управување со оваа зелена транзиција, вклучувајќи и многу компромиси со политиките, ќе треба да биде во главниот фокус на вниманието на носителите на политиките во Западен Балкан во годините што претстојат.